Проект за подобрување на безбедноста во училиштата и намалување на кривичните дела во кои учесници се ученици

По завршувањето на првиот дел од превентивно-едукативниот проект „Почитувај ја различноста“, кој започна со реализација на почетокот на овој месец, а чиј носител е Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово, во соработка со ОБСЕ и гостиварската и тетовската локална самоуправа, од сабота (31.03.) ќе стартува вториот дел од проектот, со кој ќе бидат опфатени три тетовски основни училишта: „Истикбал“, „Гоце Делчев“ и „Лирија“.

Во изминатите денови во три основни училишта во Гостивар, „Гоце Делчев“, „Башкими“ и „Мустафа Кемал Ататурк“ веќе се одржаа тркалезни маси, на кои учествуваа осумдесетина деветтоодделенци и на кои интерактивно се презентираше и дебатираше на различни теми: „Насилство и причини за насилство меѓу учениците“ и „Предрасуди, стереотипи и како да се надминат од младите“.

Инаку, основна цел на проектот е подобрување на безбедноста во училиштата, намалување на бројот на кривичните дела и нарушувањата на јавниот ред и мир со елементи на насилство, во кои учесници се ученици. Исто така, проектот е насочен кон афирмирање и негување на различноста која што треба да се доживува како предност во училиштата, а не како извор на недоразбирања, инциденти и други несакани појави меѓу учениците од различна етничка, верска и друга припадност.