Професор д-р Никола Бошале – добитник на Свети Климентовата награда

Еминентниот познавач на Охрид, негов хроничар и неуморен промотор, проф.д-р Никола Бошале е годинашен добитник на највисокото општинско признание, Патрон на градот „Свети Климент Охридски“. Ова денес на прес конференција го соопшти градоначалникот Јован Стојаноски.

„Неговата трудољубивост и дарба да ги забележува и анализира сите појави и промени, а секогаш воден од исконската љубов и грижа за Охрид го чини во вистинска смисла Најохриѓанец од сите охриѓани. Тој е во моментот најдобриот познавач и хроничар на животот во Охрид. Неговите дела се убава промоција и популаризација на охридските непресушни ризници. Творештвото на д-р- Никола Бошале треба да биде задолжителна лектира за секој охриѓанец за да добие или ги прошири своите сознанија за материјалното и духовно наследство на Охрид и ќе извлече големи поуки за сите вистински вредности на Охрид што треба грижливо да се чуваат и негуваат“– истакна во своето обраќање градоначалникот Стојаноски.

Проф. Др. Никола Бошале е роден на 27 август 1929 година, по образование е д-р по социологија, но со неговите истражувачки потфати навлегува длабоко и во сферите на туризамот, екологијата, археологијата, етнологијата, архитектурата, културната антропологија, проширувајќи ги своите сознанија и изработувајќи покомплексни анализи. Иако живее на релација Охрид – Скопје, Охрид е неговата вечна инспирација, секогаш величајќи ги неговите природни и културни богатства.

This slideshow requires JavaScript.