28/03/2024
Охрид

Промоција на стихозбирката „Гравири – 40 години отпосле“ од Славе Ѓорго Димоски

Стихозбирката „Гравири – 40 години отпосле“ од Славе Ѓорго Димоски, беше промовирана синоќа во НУ Библиотека „Григор Прличев“, во рамките на  програмата за одбележување на двојниот јубилеј – 185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, што заедно со оваа културна институција ја организира Општина Охрид. Промоцијата на репринт изданието на „Гравири – 40 години отпосле“ се организира по повод 60 години живот и 40 години од печатањето на поетскиот првенец на Славе Ѓорго Димоски.

За стихозбирката, која содржи критички согледувања и прилози од еминентни имиња од македонското литературно творештво беседеше проф. д-р Димитар Пандев, стихови и делови од текстови за творештвото на славеникот Димоски читаа Марина Димовска и Јован Цветкоски, а во музичкиот дел настапи младата флејтиска Сара Цикуш.

Семиотички, како стихозбирка во која доминира знакот „круг“ (инаку, најексплицитна форма на подвигот со раката именуван со поимот „гравира“) „Гравири“ (1979) го отвора широкото геопоетичко пространство на поезијата на  Димоски од кое израснува Велестово во геопоетичен бренд, со кој уште појарко се осветлува книжевната мапа на Македонија на литературната карта на светот – вели Димитар Пандев.

Поетската книга „Гравири – 40 години отпосле“ од Славе Ѓорго Димоски е репринт  во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје, а е  проследено со нови критички согледувања од Венко Андоновски и Димитар Пандев.

„Гравири“ и по 40 години е свежа и провокативна поезија, и тоа е најважно. И затоа: нека ти се честити јубилеите, драг мој  Славе! И нека ти се благословени душевните прсти со кои ги создаваш (и да ги создаваш уште долго) твоите гравири, бравури и филиграни –  порача Венко Андоноски во поговорот на стихозбирката.

Славе Ѓорго Димоски има објавено 18  поетски книги од кои 5 за деца, 18  се објавени на други јазици, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е едена есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.

За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, „Гран-при на европската поезија, и двапати на охридскато највисоко признание „Св.Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.