20/04/2024
Охрид

Промоција на збирка поезија „Слики од бунарот“ од Марина Икономова Шокева во „Шила“

Сабота 02. декемри во 19:00 часот во кафе и бар „Шила“ ќе биде промовирана „Слики од бунарот“ – збирка поезија од Марина Икономова Шокева.

„Слики од бунарот” се четириесет песни од интимен емоционален карактер, дебитанско дело на авторот кое е плод на 20 годишно искуство и љубов кон поезијата.

На промоцијата ќе се чита поезија од збирката, а авторката ќе потпишува и подари примероци од истата. Воведен говор ќе одржи охридскиот писател и поет Тоде Илиевски кој меѓудругото вели: „Очигледно е дека Марина Шокева донесува поезија која е далеку од почетништвото на првите објави, односно дека стиховите минале низ процесот на зреење и преиспитување. Меѓу она што е забележливо се вбројува и изворноста на поетесата, што значи обид за оформување и одбележување на сопствен поетски ракопис и простор“.

Марина Икономова Шокева е родена 26.11.1966 г. во Битола. Дипломирала на катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и работи како професор во Охрид.

Престојната промоција е уште еден во низата квалитетни културни настани организирани во овој концептуален кафе-бар. Од „Шила“ која сѐ повеќе се истакнува како алтернативна арт сцена во Охрид, најавуваат слични содржини и во иднина во насока на поддршка и промоција на уметноста и културата.

„Ги охрабруваме креативците од сите сфери да не контактираат во врска со промоција на нивниот труд. Отворени сме за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма“– порачуваат од менаџерскот тим.

Линк од настанот: https://www.facebook.com/events/130359927622718