16/04/2024
Македонија

Промовиран концептот на овластен економски оператор (ОЕО)

Денес (22.06.2018 година), во Скопје се одржа настан за Промовирање на концептот за овластен економски оператор (ОЕО) во Република Македонија и неговото значење за економските оператори. Настанот го организираше Царинската управа на Република Македонија во соработка со Проектот за УСАИД за регионален економски раст (USAID Regional Economic Growth Project – REG). 

Статусот на ОЕО е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори во Република Македонија (производители, извозници, увозници, шпедитери, транспортери) во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Оваа работилница претставува прва од активностите што Царинската управа на Република Македонија планира да ги спроведе до крајот на годинава и претставува исклучителна можност за градење на партнерски односи помеѓу носителите на политиките – Владата, Министерството за финансии, Царинската управа и претставниците на приватниот сектор што учествуваат во царинското работење и логистичкиот бизнис. За време на работилницата поздравно обраќање  имаа Ширет Елези, заменик-министер на Министерството за финансии, Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа и Едвард Гонзалес, директор на канцеларијата за развој, УСАИД Македонија.

Стекнувањето на статусот Овластен економски оператор претставува сертифицирање на трговското друштво како сигурен и безбеден партнер на Царинската управа и сигурен и безбеден партнер во меѓународниот и регионалниот синџир на снабдување. Штом станете ОЕО, во меѓународната заедница ќе бидете препознатливи како кредибилен бизнис партнер – истакна заменик-министерот за финансии Ширет Елези.

Директорот на Царинската управа посочи дека ОЕО е клучна активност што е предвидена во Повеќегодишниот акциски план за регионална економска интеграција на земјите од Западен Балкан усвоен на Самитот во Трст. Затоа, Царинската управа ги охрабрува македонските компании да се здобијат со статус на Овластен економски оператор со цел да можат да се вклучат во регионалните синџири на снабдување во рамките на ЦЕФТА и да ги искористат придобивките и поволностите со можноста за взаемно признавање на одобрениот статус што ни претстои.

Директорот на канцеларијата за развој, УСАИД Македонија во своето обраќање ја поздрави заложбата на Царинската управа за промовирање на Концептот ОЕО и ја истакна важноста на ОЕО, поволностите и олеснувањата кои овој статус ги овозможува.

Со цел промовирање и користење на статусот на ОЕО во регионални и глобални рамки, Царинската управа, со поддршка на Проектот на УСАИД за регионален економски раст и во следниот период ќе организира вакви настани насочени кон запознавање на деловната заедница со концептот на ОЕО.