28/03/2024
Охрид

Промовиран Проектот „Образование за вработување во Македонија“

Денес во Охрид се одржа презентација на проектот „ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА“. Проектот е поддржан од Швајцарија и истиот има за цел да стимулира вработување преку подобрување на стручните вештини во земјава.

Пред присутните се обрати амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија Сибил Сутер Техада.

„Системскиот пристап е клучен. Ние ги поврзуваме училиштата и учениците со приватниот сектор. Преку Стопанската комора на Македонија ние се обидуваме да го интегрираме приватниот сектор во овој проект и да ги обучиме младите луѓе , да ги приспособиме на потребите на бизнис секторот како би биле конкурентни на пазарот на труд и полесно би се вработиле.“ – истакна амбасадорката Сутер Техада.

Од името на Регионалната стопанска комора за Охрид, Струга и Дебрца, се обрати Наташа Јовческа, менаџер во ЛТХ “Леарница“.

„Ние сме силно заинтересирани да се вклучиме дирекно во овие проекти бидејќи тоа претставува еден начин на ефикасно искористување на ресурсите, намалување на периодот на обучување и дообучување на кадрите и долгорочно формирање на еден човечки капитал во рамки на компаниите, кои ќе носат позитивни резултати во работењето. Ние и сега во овој момент имаме соработка со средните стручни училишта меѓутоа таа практична настава треба да се издигне на едно повисоко ниво.“ – истакна Јовческа.

Проектот вреден 12,5 милиони во следните 10 години ќе го имплементираат невладините организации ХЕЛВЕТАС и Македонски центар за граѓанско образование, во партнерство со Стопанска комора на Македонија, Министерството за образование и Министерството за труд и социјални работи.