23/04/2024
Охрид

Промовирана антологијата на песни за Охрид

Во рамките на чествувањето на  8-ми Декември- Денот на Св. Климент Охридски- Патрон на Охрид, денеска беше промовирана антологијата на песни за Охрид. Поетската антологија „Дојди во Охрид“  ја приредија проф. д-р Димитар Пандев и поетот Славе Ѓорѓо Димоски, а е во издание на Општина Охрид.

Градоначалникот Јован Стојаноски на почетокот на промоцијата им се заблагодари на приредувачите на антологијата и првите примероци им ги врачи на директорите на основните и средните училишта за школските библиотеки и на директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ .

Антологијата на песни „ Дојди во Охрид“ ја промовираше проф. д-р Димитрија Ристески, кој истакна дека се работи за богато издание, во кое има 90 песни за Охрид , од кои 30 се од познати светски поети.

„Приредувачите, со својата уметничка дарба и со своето извонредно чувство за селективност, успеале во оваа книга да ги врамат речиси сите песни за Охрид од дамнина, па до денес, не се само автори кои потекнуваат од охридското и нашето пошироко македонско подрачје, туку и од странство или , според насловот  на посебно издвоениот дел од книгата „ Поетите од светот за Охрид“ – рече промоторот Ристески.

На промоцијата, двајца автори кои се застапени во антологијата ги прочитаа своите песни за Охрид, а овој културен настан заврши со заедничката порака во иднина да се множат ваквите важни изданија.