28/03/2024
Македонија

Промовирана монографијата “Полицијата и јавноста“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во ЕУ Инфо центарот присуствуваше на промоцијата на монографијата “Полицијата и јавноста“ од авторите проф.д-р Цане Мојаноски, проф.д-р Никола Дујовски и доц.д-р Марјан Ѓуровски.

„Неспорно стручно, методолошки сеопфатно и особено од аспект на МВР – аналитички прецизно – авторите во зададениот временски период ги идентификуваат, детерминираат, проценуваат и мерат определените перцепции за положбата на полицијата во заедницата, за состојбата со криминализираноста на заедницата и полицијата, со социопатолошките и другите негативни појави“, рече министерот Спасовски во своето обраќање.

Министерот Спасовски им честита на авторите за обемниот научен ангажман околу оваа Монографија и им посака уште многу вакви впечатливи научни трудови.

„Овој научен труд дава свои видувања, провоцира натамошни размислувања за подобрување на перцепцијата на полицијата, но истовремено и упатува на нужноста од натамошна квалитетна соработка меѓу стручната-научна фела и полицијата“, рече Спасовски.