16/04/2024
Охрид

Промовирана стихозбирката „Мојата шарена стихувалка“ од Матеа Стоев

Синоќа, започна одбележувањето на патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“ – Охрид со промоција на стихозбирката „Мојата шарена стихувалка“ од Матеа Стоев ученичка во IX одделение. Промотори на стихозбирката беа Мимоза Сталевска и в.д. директорката на училиштето Ивана Маховска Шикалеска.

Матеа Стоев во мај 2019 зеде учество на литературниот конкурс „Средби под јаворите“ тематски посветен на животот и делото на Видое Подгорец. Во конкуренција од 600 творби од земјата и соседството таа ја освои првата награда. Доделувањето на наградите се одржа во Колешино, родното место на Подгорец. Писателот Киро Донев, претседател на комисијата за оценување на литературните творби од конкурсот, изрази восхитеност од умешноста во пишувањето која Матеа го презентира во својата творба „Тивко шумолат јаворите“ и ја поттикна да ги собере пишуваните творби во текот на основното образование и да ги пренесе во стихозбирка. Киро Донев безрезервно и ја даде поддршката и со задоволство беше рецезент на ова поетско првенче со наслов „Мојата шарена стихувалка“. Уредник на стихозбирката е проф. Мимоза Сталевска, лектор м-р Милчо Јованоски, а издавач НУБ „Григор Прличев“ – Охрид.

„Промоцијата беше извонредно реализирана. Моментот кога ученикот ќе каже зборови кои ќе ја натераат цела публика да е емотивна… Е моментот кога сфаќаме дека децата нѐ учат на тоа да ја сфаќаме смислата на моралните вредности во животот.

Матеа, Ти благодараме што твоето првенче ја отвори програмата за одбележување на патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“. Ти благодариме што несебично ни ја подари честа да бидеме место каде што Ти го отвараш Твојот прозорец кон пишаниот збор и што гордо го носиш чувството – Прличево во твоето излагање.“  – информираат од ОУ „Григор Прличев“.