28/03/2024
Охрид

Пуштени во продажба билетите за големиот концерт на групата Камелеон

Од денес се пуштени во продажба ограничен број билети за големиот концерт на најдобрата охридска група Камелеон, кој ќе се одржи во сабота, на 29-ти декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Бројот на седиштата во охридскиот Центар за култура е лимитиран и токму затоа повелете и обезбедете го побрзо вашиот билет за концертот, кој, според најавите, ќе биде еден од настаните кои ќе ги одбележи новогодишните празници во Охрид, но и многу пошироко,“ – порачуваат организаторите.

Групата за концертот се подготвува веќе неколку месеци, а сите 17 песни кои ќе бидат изведени ќе добијат нови аранжмани.

„Гости на концертот ќе бидат: Горан Папаз, Ѓоко Танески, кој ќе изведе две песни, охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос“, Џеват Рамаданоски и студенти од Факултетот за музичка уметност, кои ќе формираат квартет. Во екипата што цело време ќе биде со нас се и Жармена и Димче Китрозоски, Никола Тони, а пратечки вокали ќе се Ана Костадиновска и Сара Николоска,“ – истакна на прес конференцијата со која го најавија настанот, вокалистот на бендот Драган Василески.

Членови на бендот покрај Василески се и Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски.

На сцената на Домот на култура „Григор Прличев“ во Охрид, во сабота, на 29-ти декември, точно во 19:00 часот е закажан стартот на музичката приказна која ќе одбележа првите и е ќе ги најави новите 20 години од постоењето на групата „Камелеон“.

Билетите по цена од 250 денари од денес се продаваат во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, музичката продавница ZZ Top и од понеделник, 10-ти декември на тезга „Аждер“ во центарот на градот.