25/04/2024
Македонија

Работилница за олеснување на трговијата

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски учествуваше на работилница за олеснување на трговијата, што се одржа на 22 февруари 2018 година, во просториите на Стопанската комора на Македонија.

Работилницата ја организираше Проектот на УСАИД за регионален економски раст – УСАИД РЕГ преку Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо во соработка со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, како дел од активностите за поддршка на институциите на Република Македонија во имплементација на реформите за олеснување на трговијата.

Основната цел на работилницата беше информирање на деловната заедница за најновите глобални и регионални иницијативи насочени кон забрзување и поедноставување на постапките во прекуграничната трговија и обврските кои од нив произлегуваат за Република Македонија, како и запознавање на компаниите со резултатите од анкетата за бариерите во прекуграничните постапки спроведена од страна на УСАИД РЕГ Проектот и ИДЕАС ДеПо во текот на 2017 година.

Учесници на работилницата беа компании чиешто деловно работење и резултати се тесно поврзани и директно зависат од ефикасното одвивање на постапките за увоз, извоз и транзит на стоки, како и претставници од надлежните институции.

Директорот на Царинската управа на Република Македонија ја отвори работилницата и истакна дека токму поради тоа што македонската економија во голема мера зависи од присутноста и конкурентноста на домашните компании на регионалните и глобалните пазари, Царинската управа своите активности интензивно ги фокусира кон имплементација на добри практики со цел олеснување и забрзување на протокот на стоки од и кон Република Македонија.

Свое обраќања имаа и Гордана Тошева, регионалниот координатор на активностите за олеснување на трговијата- Проект на УСАИД за регионалните економски раст –РЕГ, Ѓино Шкријељ, претседател на групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија, Билјана Додевска, државен советник за евро-интеграции и меѓународна трговска соработка при Министерството за економија и Златко Ветеровски, помошник директор во Секторот за царински систем во Царинската управа на Република Македонија Тие посочија дека успешната имплементација на Спогодбата за олеснување на трговијата во Македонија ќе значи директна инволвираност на државните институции но и на приватниот сектор. Од тие причини, Спогодбата предвидува секоја земја да воспостави механизам за дијалог и координација, таканаречен Национален комитет за олеснување на трговијата, кој ќе ги планира и координира активностите за олеснување на трговијата и во кој покрај институциите надлежни за постапките во меѓународната трговија, ќе бидат вклучени и претставници од бизнис секторот.

Покрај ратификацијата на Спогодбата на СТО, Република Македонија паралелно ги спроведе и преговорите со членките на ЦЕФТА при што сите земји од ЦЕФТА спогодбата едногласно го усвоија Дополнителниот Протокол 5, како задолжителен документ со кој земјите потписнички се обврзуваат да имплементираат конкретни активности за понатамошно забрзување на протокот на стоките во нивната меѓусебна трговија. Одредбите на Протоколот 5 се во голема мера засновани и усогласени со барањата на Спогодбата на СТО за олеснување на трговијата – истакна Илир Шабани, раководител на секторот за меѓународна трговска соработка при Министерството за економија.