29/03/2024
Македонија

Работна посета на Министерот Димитров на Република Бугарија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во периодот од 14 до 16 февруари 2018 година, ќе престојува во работна посета на Република Бугарија, каде е предвидено да оствари повеќе билатерални средби и тоа со: претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, претседателот на Владата, Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Во рамки на билатералната средба со министерката Захариева, која е закажана за 14 февруари, предвидено е Mинистрите да извршат размена на ратификациони документи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со што и практично ќе се заврши формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во Собранието на Република Македонија, на 15.1.2018, и во Националното Собрание на Република Бугарија на 18.1.2018.

На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), министерот Димитров, на 15 и 16 февруари 2018 година., ќе учествува и на Неформалниот состанок на Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ: Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција – GYMNICH (За повеќе информации за Гимних на следниов линк: https://eu2018bg.bg/en/events/53). Дискусиите на состанокот ќе се фокусираат на соработката и партнерството во областа на безбедноста и одбраната.