19/04/2024
Спорт

Ракометарите ги започнаа подготовките за ЕП 2018

Сениорската машка ракометна репрезентација по официјалниот прв собир во понеделникот, редовно работи два тренинзи дневно во ВИП Арена „Борис Трајковски“ во Скопје. Денес, во Македонија пристигнуваат и Филип Миркуловски и Филип Талески кои синоќа ги играа последните натпревари за своите клубови во Германија, со што од утре репрезентацијата ќе биде комплетна на тренинзите.

Според планот на подготовките, избраниците на Раул Гонзалез до крајот на календарската година ќе продолжат редовно да тренираат во Скопје, а на почетокот на следната, поточно на 4 и 5 јануари, ќе одиграат две контролни средби во Белград против селекциите на Саудиска Арабија и Србија. По Божиќ репрезентацијата продолжува со тренинзите во Скопје, а заминувањето за Загреб е предвидено на 12 јануари.

На Европското Првенство, Македонија се наоѓа во група со Германија, Словенија и Црна Гора. Првата средба ја играме против Словенија на 13 јануари, два дена подоцна се среќаваме со Црна Гора, додека во последната средба во групата противник ќе ни биде актуелниот европски шампион – Германија. Првопласираните три репрезентации од групата продолжуваат во втората фаза што ќе се игра во Вараждин.