Ракометарите со победа го започнаа настапот на ЕП 2020

Македонија со победа ја започна групната фаза на Европското првенство, откако вечерва во Виена ја совлада Украина со 26-25 (13-10) и изби на врвот на табелата во Б групата. Нашиот национален тим добро отвори, Манасков погоди од контра, а од првите два удари реализираше и капитенот Лазаров. Дури во 12-тата минута примивме гол од игра, откако Тилте со силен удар намали на 4-3.

Бебешко повика минута одмор во 14-тата минута при водство од +3 на македонскиот национален тим. Веднаш реагираа Украинците и Тилте и Остроушко намалија на 7-6 во 18. минута. Сепак, капитенот Лазаров и нововлезениот Танкоски и го вратија нашиот тим во ритам (10-6). Но, нашите технички грешки им дадоа полет на ривалите и со серија 3-0, Украина се доближи до 10-9. Следеше наш позитивен бран, голови на Пешевски и Талески за 12-9 во 27-тата минута, Митревски одбрани седмерец и на одмор заминавме со 13-10.

Во знакот на Лазаров и Стоилов, одлично го отворивме вториот дел и првпат предноста достигна +5. И покрај осцилациите, предноста ја одржувавме, а Украинците не делуваа опасно. Нашиот противник профитираше од исклучувањето на Стоилов и намали на -2 на средина од вториот дел. Кога Чип погоди од контра напад, Брестовац побара минута одмор при 21-20. Комок му одбрани двапати на Пешевски, а Остроушко со два гола првпат донесе израмнување во вториот дел (22-22). Следеа два гола на Манасков за +2 на седум минути до крајот. Митревски со три одбранети зицери го одби украинскиот напад.

82214971_581263295770054_881271660722782208_n

Сепак, Остроушко не се предаваше и погоди за 25-24 и исклучување за Поповски. Не реализиравме напад и Груковски израмни на половина минута до крајот. Сепак, Лазаров ефектно со звукот на сирената погоди за победа од 26-25 и први бодови во групата.

Најефикасни во македонскиот национален тим беа Лазаров со осум гола и осум асистенции, а Манасков постигна шест гола. Блескаше меѓу стативите Митревски. Кај Украина се истакнаа Остроушко со пет и Жуков и Акименко со по четири погодоци.

81778362_471369006895316_5565412639267356672_n

Утре е слободен ден во групата Б, а в недела ни следи дуелот со Чешка.