28/03/2024
Охрид

Ракометниот репрезентативец Кирил Лазаров во протоколарна средба кај градоначалникот Стојаноски

Прославениот ракометар и капитен на Македонска репрезентација Кирил Лазаров, денес беше примен од градоначалникот Јован Стојаноски. Во пријателска и срдечна атмосфера, градоначалникот Стојаноски најнапред му го честиташе пласманот на македонскиот капитен на Светското првенство и посака нашите најдобри спортски амбасадори повторно да ја израдуваат македонската јавност со добар резултат.

Лазаров се заблагодари на честитките, како и на искажаната добра волја и логистичка помош што Општина Охрид ја дава на Ракометниот камп “Кирил Лазаров 7“, што ова година по четврти пат се одржува во хотелот “Аквалина“. Градоначалникот Стојаноски беше запознаен со работата на ракометниот камп, како и плановите што Лазаров ги има за иднината, во која Охрид се гледа како ракометен центар на Македонија.

Ова година меѓународната академија за млади ракометари започна на 20 јунии, а ќе трае до 2 јули. Учествуваат преку 200 таленти од земјава и 100 од Данска, Шведска, Романија,  Босна и Херцеговина, Либан и Египет. Возраста на младите ракометари е од 8 – 18 години, а за нивното ракометно усовршување се грижат преку 30 стручни лица. Покрај Лазаров, кој е најголема инспирација за младите, кампот постојано го посетуваат и македонските репрезентативци.

Градоначалникот Стојаноски и македонскиот капитен се согласија дека Охрид нуди одлични услови за спортскиот туризам, кои се повеќе ќе стануваат атрактивни во туристичката понуда. Капитенот Лазаров му подари два дреса на градоначалникот и го покани на “ракометна лекција“ на спорстките терени на хотелот “Аквалина“, што со задоволство беше прифатено.