28/03/2024
Охрид

Реакција на ГО за излевањето на нафта во Охридско Езеро

До нашата редакција пристигна реакција од 40 граѓански организации кои работат на заштита и унапредување на животната средина по повод Излевањето нафта во Охриското езеро. Во реакцијата стои:

Четириесет граѓански организации кои работат на полето на заштита и унапредување на животната средина во Македонија кои викендов во Струмица ја одржаа годишната средба со неверување ја проследија веста за излевање на нафта во Охридското езеро.

Охридското езеро е едно од вкупно три природни езера во Република Македонија, најстарото езеро на Европскиот континент кое има значајни информации за еволуцијата на планетата, и дел од природното наследство под заштита на УНЕСКО. Езерото е и ризница на биодиверзитет, во него живеат 1200 видови од кои 212 се ендемични и не постојат на ниту едно друго место на светот. Покрај ова езерото е дом и на реликтни видови кои живеат во езерото отсекогаш и содржат значајни еволутивни информации.

И покрај огромното значење за Македонија и светот, ова езеро сеуште нема функционален колекторски систем, ниту соодветен план за управување и заштита.

Во повеќе наврати граѓанските организации и граѓаните реагираа за огромниот притисок кој се прави врз езерото со зголемена урбанизација и зголемен пловен сообраќај во езерото. Многу еколошки организации побараа да се забранат поголеми пловни објекти во езерото и застанаа против плановите на општината за изградба на нова голема марина во каналот Студенчишта.

Денес гледаме во очите на вистинска еколошка катастрофа со која немаме начин, средства ниту искуство да се справиме. Езерото е комплексен екосистем, и било која супстанца која ќе влезе во него речиси веднаш се шири низ целиот екосистем, а расфрлање биопрашок кој не знаеме како влијае врз биодиверзитетот може дополнително да ја влоши состојбата.

Само како пример, во 2016 година се излеа нафта во Јадранското море близу Ријека и предизвика еколошка катастофа на брегот, а надлежните употребија специјални сунѓери за да ја санираат штетата, меѓутоа голема количина од нафтата сепак заврши врз живиот свет на брегот и самиот брег и беше невозможно да се исчисти, а се ова се случуваше во екот на туристичката сезона.

Апелираме до надлежните да реагираат веднаш и да ја отстранат нафтата од езерото на соодветен начин. Да се започне со проценка на влијанието врз живиот свет во езерото за да може да се преземат соодветни мерки на заштита. Воедно, бараме да се најде одговорност за настанатата штета и да се казнат сторителите. За жал, настанатото излевање на нафтата од брод кој подолго време стоел закотвен и почнал да тоне без притоа никој да преземе мерки е показател за неодговорното однесување на надлежноте и генерално дава слика за нискиот степен на соодветно управување со нашето можеби, највредно природно богатство. За да се избегне понатамошна штета на каналот Студенчишта кој знаеме дека многу видови риби го користат за мрест, бараме да се отстранат сите пловни објекти од него.

Еко- свест веќе работи на Смарт Охрид, проект кој треба да најде решение за одржлив транспорт на крајбрежјето. Едно од решенијата се мали соларни бродчиња кои за време на туристичката сезона ќе сообраќаат почесто и што е најважно нема да го загадуваат езерото.“- стои во реакцијата.

Автор на фотографијата: Goran Kovačić