28/03/2024
Охрид

Реакција на Општина Охрид по одржаната прес-конференција на ОО УМС ВМРО-ДПМНЕ

„Со ширењето на Вашите лажни обвинувања ни давате можност да ја запознаеме целата јавност, каде се реконструирани детски игралишта на територијата на Општина Охрид. Ние работиме посветено и не се фалиме со соопштенија за извршените реконструкции и санации бидејќи тоа е обврска на секоја одговорна власт и секое одговорно раководство.

Во текот на 2019 година извршени се санации и реконструкции на детски игралишта во населбите: „Воска“, „Даљан“, „Гоце Делчев“ и „Христо Узунов“, во селото Пештани, на улицата „Јане Сандански“, кај мостот „Студенчишта“, на пешачката патека кон „Парк“, како и на детското игралиште во Градскиот парк и ОУ „Григор Прличев“. За санирање и реконструкција на детските игралишта беа ангажирани вработени од Јавните претпријатиа и беа потрошени вкупно 290.000 денари.

Исто така извршена е санација на спортските игралишта во селата Долно и Горно Лакочереј за што беа потрошени 618.131 денари. Вкупно 998.186 денари беа вложени за изградба на нови детски игралишта во селата Велгошти и Подмоље и за повеќенаменското игралиште на улицата „Коста Абраш“, во населбата „Варош“. Воедно сакаме да Ве информираме дека овој месец заврши изградбата и санацијата на детското игралиште во дворот на училиштето во село Лескоец, а во тек се планирања за санација и изградба и на други детски игралишта.

Јавно Ве замолуваме, наместо да се насочувате во манипулирање на јавноста, треба вистински да бидете посветени на младинските политики и треба да започнете да преземате активности за едуцирање на најмладите во насока на зачувување на јавните добра. Вашата младинска енергија, наместо за организирање и одржување на прес-конференции и ширење на дезинформации, треба да ја насочите во организирање на креативни активности поврзани со детските и спортските игралишта. Секој од нас, со работа и со конкретни дела треба да покаже и докаже дека се грижи за јавните добра , кои се од корист за сите жители на територијата на Општина Охрид.

Фотографиите кои ги испраќаме во прилог докажуваат кој работи, а кој ја манипулира јавноста.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.