19/04/2024
Македонија

Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија на соопштението на СДСМ

Ја информираме јавноста дека во Република Македонија постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции.

Претседателот Иванов до сега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и понатаму, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и отчетно раководење со доверениот буџет, што го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки”.

За нас е нејасно на кој начин може г. Роберт Поповски, министер без ресор, да наложува и бара од институцијата Кабинет на Претседател на Република Македонија да прифати вакви мерки, за кои веќе постојат механизми во Република Македонија, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на Претседателот е неприфатливо. Сметаме дека сè што треба да се направи е да се почитуваат и спроведуваат постоечките прописи.

Во контекст на ова, говори и извештајот на Центарот за економски анализи http://cea.org.mk/wp-content/uploads/2018/06/CEA-3-6-9-i-Blueprint-Monitoring-public-finances-za-9-meseci-FINAL.pdf каде се посочува дека “софтверската алатка не функционира и нема никакви податоци после 2017 година, со што индикативно е дека фискалната транспарентност е под ризик и дека е сфатена палијативно и кампањски, а не како трајна определба како ефикасна алатка кон поголема отчетност од именуваните и избраните функционери”.

Од друга страна, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција.

„Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор”, изјави претседателот Иванов на 13 јуни 2018 година во обраќање до нацијата.