29/03/2024
Охрид

Реализирани кампањите „Безбедно вози – без алкохол вози“ и „Мобилниот не е попаметен од тебе“

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во рамките на националниот проект за поголема безбедност во сообраќајот „Го сакам градот безбеден“, денеска ги реализира кампањите „Безбедно вози – без алкохол вози“ и „Мобилниот не е попаметен од тебе“.

Се работи за сообраќајно превентивни активности насочени кон возачите на моторцикли, патнички и други моторни возила со цел издигнување на сообраќајно-безбедносната култура кај оваа категорија учесници во сообраќајот, јакнење на совеста за одговорно учество во сообраќајот, а посебно кај ранливата категорија како и севкупно подобрување на безбедноста во сообраќајот. Во рамките на кампањата се делеа едукативни материјали со пригодни совети за безбедно управување на возилата и моторциклите, носење заштитен шлем-кацига со посебен акцент на неопходнаоста од неконзумирање алкохол како посебен ризик фактор што ги намалува возачките вештини при учеството во сообраќајот. Посебно внимание се стави и на исклучителната штетност од користење мобилни за време на управување со возила и моторцикли што е причина број еден за одвлекување на вниманието кај возачите и причина за случени сообраќајни незгоди.

Националната кампања „Го сакам градот безбеден“ во Охрид завршува утре со големо мото-дефиле „Носам кацига – легално е“ во која учество ќе земат членови на мото клубовите од Охрид и заинтересирани граѓани-мото рекреативци.

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува отворена покана до сите заинтересирани да се приклучат во мото дефилето.