28/03/2024
Македонија

Рекордни 44,3 милиони евра од патарини во 2019 година (инфографик)

Јавното претпријатие за државни патишта лани успеало да собере рекорден надоместок од возачите за користењето на македонските автопати. Од патарина во 2019 година биле инкасирани над 44,3 милиони евра, односно за околу 9,1 отсто повеќе во споредба со претходната година. Наплатните станици во последниот квартал од 2019 година оствариле приход од над 10,1 милиони евра, додека најмногу средства биле прибрани во текот на летниот период, и тоа над 13,7 милиони евра.

Од ова јавно претпријатие за „Мета.мк“ потенцираат дека приливот во 2019 година пораснал првенствено поради зголемениот број на возила, како и фактот дека лани во август беше отворена и новата наплатна станица кај Гевгелија на автопатот од Коридор 10.

Податоците за прибраните приходи во изминатава деценија покажуваат дека за 2,5 пати е зголемен приливот на собрани средства од патарините во 2019 година, споредено со 2010 година. Колку за споредба, пред една деценија биле инкасирани само 17,6 милиони евра од патарини во текот на целата година.

Годишната програма за работа на ЈП за државни патишта предвидува уште поамбициозен резултат за 2020 година, за кога од овој надоместок се очекува да се остварат приходи од околу 48,7 милиони евра. Воедно, во претстојните месеци треба да проработи и наплатната станица кај Демир Капија, која што ќе биде последна од оние што ќе се градат на Коридорот 10.

ЈП за државни патишта лани успеа да ја пушти во функција и електронската наплата на патарина. Резултатите покажуваат успешен почеток на проектот, со продадени 13.707 уреди за електронско плаќање во периодот јули – декември 2019 година, од кои 8.953 се М-Смарт картички и 4.754 се М-Таг уреди.

Од продажбата на електронските уреди и од нивното надополнување во изминативе шест месеци е остварен вкупен промет од над 1,8 милиони евра. Електронскиот систем за наплата на патарини во моментов функционира единствено на патарините долж Коридорот 10. Годинава е предвидено да се отпочне со воведувањето на електронската наплата на патарините и на Коридорот 8, како проект којшто ги вклучува патарините од Скопје до Гостивар и наплатната станица „Миладиновци“.

За корисниците на електронската наплата, ЈП за државни патишта планира годинава година да воведе постпејд плаќање на патарина, што ќе биде корисно особено за компаниите што во поголем обем го употребуваат патниот превоз.

извор: мета.мк