28/03/2024
Македонија

Република Македонија стана полноправна членка на Јадранско-Јонската иницијатива

На покана на министерот за надворешни работи на Италија Анџелино Алфано, во улога на земја претседавач Јадранско-Јонската иницијатива, делегација од МНР предводена од Државниот секретар во МНР Виктор Димовски, на 24 мај 2018 година во Катања, Сицилија, учествуваше на Состанок на Советот на министрите за надворешни работи на Јадранската-Јонско иницијатива. На состанокот Република Македонија и формално стана полноправна членка на оваа иницијатива.

Во своето обраќање ДСЕК Димовски го изнесе задоволството што по повеќегодишни напори Република Македонија станува членка на оваа форма на регионална соработка. Воедно нагласи дека ова е уште еден голем чекор напред за Република Македонија која по минатогодишните демократски промени силно зачекори по патот на европските и евро-атлантските интеграции. Поаѓајќи од овие определби новата влада, паралелно со крупните реформски чекори на внатрешен план, презеде интензивни активности за унапредување на односите и соработката со земјите од непосредното соседство, но и во пошироки регионални рамки.

Со членството во Јадранско-Јонската иницијатива, Република Македонија ќе може заедно со останатите земји членки да го даде својот придонес во градењето солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина.

Јадранско-Јонската иницијатива е оформена во 2000 година со цел да го подобри развојот и зајакне безбедноста на земјите во регионот, да ја зајакне соработката помеѓу земјите членки и да им даде поттик во процесот на интеграција со ЕУ. Во неа членуваат Италија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија, а од вчера и Република Македонија.