19/04/2024
Спорт

РК Охрид оптимисти пред езерското дерби против РК Струга

Езерското дерби помеѓу РК Охрид и РК Струга во рамките на шестото коло од машката ракометна Суперлига ќе се игра утре (20.10.2018) со почеток во 19:30 часот, во Спортската сала „Билјанини Извори“. 

„Мислам дека сите долго го очекувавме ова дерби кое што можеби во последниве 10-15 години на ова ниво на сила на екипите е најизрамнето досега, сме се среќавале во Купот или претходно во некои други натпреварувања каде што силите не биле баш рамномерни. Ја повикувам охридската публика да дојде во што поголем број, не се сомневам дека Салата „Билјанини Извори“ утре ќе биде полна. Утрешниот натпревар ќе има и хуманитарна цел, еден дел од средствата кои што ќе се соберат од карти ќе бидат уплатени за помош за лекување на нашата сограѓанка Сара Настеска.“ – изјави Горан Недески, спортски директор на РК Охрид.

„Најпрво да им честитам на РК Струга за влезот во Суперлигата после долги години, тоа ни овозможува еден ваков дерби натпревар, и тоа во не во било која лига туку во Суперлигата. Во моментов и двата клуба после првите 5 кола имаат по само еден пораз што доволно зборува за квалитетот на екипите, можеби и двете екипи не се надеваа на ваков успешен старт. Среќен сум што после 7 години работа во клубот да ја достигнеме Струга која беше еден репрезент на млади играчи во Македонија, да стигнеме барем до нивото на РК Струга, успеавме да потпишеме 4-годишни договори со 7 наши играчи од младинските категории. Исто така сум среќен што во првата екипа од 16 играчи кои настапуваат 10 се од нашава околија Охрид, Струга, Ресен и Кичево што секако претставува успех за мене и за управата која го води клубот. Играчите максимално ги извршуваат поставените задачи, управата не прати во секој чекор, вчера не донесе до солзи присуството на „Рибарите“ на тренинг, јас како охриѓанец, како бивш репрезентативец сум пресреќен што стигнавме до ова. Ќе дадеме максимум, нека победи подобриот, се надевам дека и на трибините се ќе биде во ред, затоа што после овој натпревар не чекаат многу тешки натпревари во оваа Суперлига. Пресреќен сум што немаме ниту еден повреден играч во моментов, сите сме желни за игра, сме во серија од 4 победи, се надевам дека ќе ја оствариме и петтата со поддршка од публиката од играчите и се надевам дека утревечер ќе славиме против тешкиот противник.“ – изјави Горан Андоноски, тренер на РК Охрид.

„После 5 години повторно го играме езерското дерби, тоа беа моите почетоци во ракометот, можеби поттикнат од таа атмосфера што беше тогаш продолжив да се занимавам со ракомет. Благодарност до „Рибарите“ за вчерашната поддршка на тренинг, се надевам дека ќе издвоиме победа и ќе се радуваме сите заедно.“ – изјави Иван Тасески, играч на РК Охрид.

„Навивачите вчера беа одлични, покажаа дека знаат да навиваат, навистина прекрасно, кажа и тренерот, не понесе некоја еуфорија пред натпревар и тоа беше добро, сигурно ќе биди пекол за стружани. Очекуваме полни трибини, очекуваме фер натпреварување, фер навивање и нема да звучи нескромно доколку кажам дека очекуваме победа.“ – изјави Славиша Димитријески, играч на РК Охрид.

Утрешниот натпревар ќе има и хуманитарен карактер. Имено, во Спортската сала „Билјанини Извори“ ќе бидат поставени кутии за донирање на финансиски средства за поддршка на Сара Настеска кај која неодамна е дијагностицирана болеста Anemia Aplastica.

WebOhrid