РК Охрид со оптимизам гледа кон дерби натпреварот против Еурофарм Работник

РК Охрид 2013 утре (29.11.2017) со почеток во 19:30 часот во Спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, го пречекува тимот на Еурофарм Работник, во борба за третото место од ВИП Суперлигата.

„Ја имам честа да го најавам дербито од 11то коло од машката ракометна Суперлига помеѓу екипите на Охрид и Еурофарм Работник од Битола. Според најавите, ова е дерби натпревар за овој дел од сезоната за Охрид, имајќи ги во предвид случувањата на табелата и резултатите на двата клуба. Ќе ја искористам оваа прилика да ги поканам сите охриѓани и сите љубители на спортот од Охрид и околината, да присуствуваат на овој дерби меч кој како што кажав е многу значаен за нас, победа на овој натпревар ќе значи и 90% учество на РК Охрид во плеј-офот, иако е рано да се зборува за тоа.“ – изјави Љупчо Танески, претседател на РК Охрид 2013.

„Го играме првиот вистински дерби натпревар во Охрид оваа година, се надевам дека ќе има уште дерби натпревари во пролетниот дел, дека ќе се пласираме во плеј-офот. Мислам дека успешно се справуваме со сите проблеми во досегашниот дел од првенството, помина еден доста турбулентен период кој позитивно го преминуваме. Успеавме да врземе доста победи кои не доведуваат блиску до остварување на нашата цел со пласман во плеј-оф. Сите знаеме дека со ростерот на екипата малку сме хендикепирани, меѓутоа играчите покажаа голема пожртвуваност во тешките моменти, смиреност и успеавме да добиеме многу важни натпревари изминатиов период. Утре не чека еден дерби натпревар во кој мислем дека и ние на теренот како и публиката која ја очекувам во голем број, ќе ужива во прикажаната игра, а плус ќе додадам дека натпреварот ќе го судат најдобрите наши македонски судии Начевски-Николов, што ми претставува посебна чест. Нека победи подобриот, во моментов сите знаеме дека Еурофарм Работник е моментално после Вардар најбогатиот клуб во државата, со голем ростер на играчи, на секоја позиција има по двајца-тројца квалитетни играчи, меѓутоа тоа воопшто не ме плаши, бидејќи нашите деца покажаа дека знаат да се борат, тука се и нашите кадети кои влегоа во првата екипа. Ќе дадеме се од себе, пожртвувано како и секогаш, тоа го краси нашиот клуб, се надевам на поддршка од охридската публика која знае да цени добри натпревари, добри екипи кои доаѓаат во Охрид. Ова нека биде само еден прв натпревар за тоа што не чека во пролетниот дел, кога очекуваме Вардар и Металург повторно да бидат гости во нашиот град. Поддршка ни треба во овие моменти, охриѓани ќе го препознаат моментот“. – изјави тренерот Горан Андоноски.

„Можеби овој дерби натпревар за нас доаѓа во лош период, каде што Еурофарм доаѓа со европска победа и едноставно залетан доаѓа во Охрид. Ние моментално иако победувавме во нашава лига, не играме на потребното ниво како што се очекува и како што треба да игра РК Охрид. Атмосферата малку се наруши со проблемите кои ги истакна тренерот Андоноски, меѓутоа се надевам дека на утрешниот натпревар, многу важен за нас, ние како играчи ќе ги заборавиме сите тие проблеми со кои се соочуваме и дека ќе го дадеме максимумот на теренот, да прикажеме една игра што доликува, што го краси Охрид последниве неколку години“. – изјави голманот Благојче Трајковски.

This slideshow requires JavaScript.

WebOhrid