23/04/2024
Македонија

РСБСП: Корисни совети за безбеден сообраќај во зима

Со оглед на фактот дека денес и во текот на наредниот период во Република Македонија ќе владеат зимските услови на патиштата, РСБСП со потсетување на неколку правила поврзани со подготовката на автомобилот, мерките на претпазливост и возењето во зимски услови.

1. Општи мерки и препораки за возење во зима и подготовка на возилото

– Доколку не морате да патувате со автомобилот, користењето на алтернативен превоз (такси, автобус) во лоши временски услови е секогаш подобро решение.
– Задолжително користете соодветна зимска опрема.
– Задолжително проверете ја техничката исправност на возилото и бидете сигурни дека возилото е во исправна состојба.
– Не го загревајте возилото во затворен простор, како на пример гаража.
– Не го оставајте возилото со недоволно гориво во зима. При евентуалното заглавување во снежно невреме, горивото ќе ви биде клучен ресурс.
– Проверете го нивото на антифриз, обезбедете соодветна течност за стакла за зимски услови и проверете дали бришачите се во исправна состојба.
– Добро запознајте се со временската прогноза и со рутата ако патувате на подолг пат.
– Известете ги блиските за дестинацијата, времето на поаѓање и планираното време на пристигнување во случај да патувате на подолг пат и во изолирани и планински места.

2. Совети за возење на снег

– Прилагодете ја брзината на условите на патот.
– На снег и мраз, за секој маневар е потребно подолго време, затоа потребно е да се предвиди повеќе простор за кочење, вртење, вклучување, претекнување.
– Растојанието до возилото пред вас треба да е поголемо од вообичаено.
– Забрзувањето и кочењето мора да биде мошне внимателно и успорено.
– За забавување на возилото најдобро е да се користи моторно кочење и да се избегнува притискање на сопирачката колку што е можно. Доколку користете сопирачки, правете го тоа мошне полека, никако нагло или со силен притисок.
– Лесното додавање гас е најдобриот начин да се избегне излизгување и превртување на тркалата.
– Не додавајте гас на нагорнини и места со натрупан снег, кал или мраз.
– Не застанувајте на нагорнина, бидејќи поаѓањето од место на замрзата нагорнина е многу тешко.
– На надолнините возете мошне споро, во ниска брзина и со моторно кочење.

3. Работи кои може да ви користат и е добро да ги имате со себе

– Полнач за мобилен телефон за во кола
– Електрична ламба на батерии
– Кабли за стартување на возилото
– Кабли за влечење
– Лопата за снег
– Дополнителна топла облека или ќебиња и храна (за на подолг пат).

4. Совети доколку останете заглавени во снежно невреме

– Aко заглавите во снежно невреме останете во возилото. Во секој случај, тоа е најчесто најдоброто засолниште што ќе го имате , а така и полесно ќе ве најдат спасувачките екипи.
– Ако автомобилот работи, осигурајте се издувните цевки да не бидат прекриени со снег, мраз или кал. Блокираните издувни цевки може да предизвикаат навлегување на токсичниот јаглерод-моноксид во автомобилот .
– Заврзете парче облека или платно со јака боја околу антената на колата или заглавете го со прозорот.
– Во темница, можете да ја оставите упалена сијаличката која е на кровот од автомобилот, бидејќи не троши многу од акумулаторот. Оваа ќе помогне полесно да бидете лоцирани.
– Вклучувајте го моторот само онолку колку што е потребно да се ублажи неподносливиот студ.

5. Паркирање

– Не ги оставајте бришачите во активна позиција, бидејќи може лесно да се залепат на ветробранското стакло и да се оштетат.
– Исправете ги тркалата и под нив ставете цврст материјал, за да може полесно да тргнете со возилото
– Не паркирајте на нагорнина или надолнина доколку е возможно.

РСБСП со апел: Придржувајте се на горенаведените совети за ваша безбедност и за избегнување на сите непријатни ситуации во кои може да се најдете во зимски услови на патиштатa.