18/04/2024
Македонија

Саем на книгата во Лајпциг, Алаѓозовски на прослава на 10 години од Европската мрежа ТРАДУКИ

На Меѓународниот саем на книгата што се одржува деновиве во Лајпциг, СР Германија, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски со други министри од Европа учествуваше на прославата за одбележување на 10 години од постоењето на Европската мрежа за литература и книги „Традуки“, на која говореше Михаел Рот, министер за Европа на Сојузна Република Германија…

Во поздравниот говор на прославата на Мрежата „Традуки“, во која Македонија членува од ноември 2017, германскиот министер Рот рече дека ова е еден од најдобрите културни проекти што ги обединува германофоните земји и регионот на Југоисточна Европа и дека овој модел може да се примени и во други кризни или пост – воени подрачја. Рот нагласи дека идејата за обединета Европа и за постоењето на ЕУ не се економијата и парите, туку културните вредности, културните различности во Европа и нивното меѓусебно разбирање. Во таа смисла, преводите меѓу одредените литератури и култури играат клучна улога во приближувањето меѓу нив.  

Rot_Alagjozovski_Leipzig_foto1

Министерот Рот и министерот Алаѓозовски остварија куса средба на маргините на одбележувањето, при што македонскиот министер за култура се заблагодари за досегашната поддршка на СР Германија за Македонија, во духот на заложбите нагласени и на неодамнешната средба меѓу премиерот Заев и канцеларката Меркел. Алаѓозовски го увери Рот во цврстите определби на Владата на РМ да остане доследна на реформите, унапредувањето на мултикултурниот амбиент во земјата, како и решавањето на сите отворени прашања и унапредувањето на добрососедските односи.  Од друга страна, министерот Рот рече дека ги цени заложбите и постигнувањата на Владата на РМ во наведените области, како и дека останува поддршката на Германија за реформскиот пат на Владата на РМ.

Инаку, Македонија беше меѓу последните земји од регионот што не беа формални членки на оваа европска мрежа, иако веќе 10 години македонските издавачи добиваа поддршка од „Традуки“ за нивните изданија и преводи. По приемот во мрежата, претставник од Министерството за култура веќе се вклучи во работата на Управниот одбор на „Традуки“.

Rot_Alagjozovski_Leipzig_foto2

Во Европската мрежа за литература и книги „Традуки“, покрај Германија, Австрија, Швајцарија и Лихтенштајн, членуваат речиси сите земји од Југоисточна Европа. Програмата за поддршка за превод на белетристика, современа стручна литература и книжевност за деца и млади од 20 и 21 век „Традуки“ ја поддржува размената меѓу земјите – учеснички. Посебно внимание им е посветено на преведувачите, кои претставуваат важни културни посредници, па оттука и името на оваа мрежа, чија цел е да ги зајакне европската и меѓурегионалната соработка и да ја поттикне размената на информации во преведувачката дејност, преку средби меѓу авторите, преведувачите, издавачите, библиотекарите, критичарите и научниците.