23/04/2024
Охрид

Сателитите на Старлинк над нашите глави

Веќе неколку денови над нашите глави „летаат“ орбитираат сателитите на Старлинк (Starlink) кои будат интерес кај граѓаните.

Станува збор за 5G сателити кои треба да формираат мрежа така што би обезбедиле брз интернет ширум целиот свет, дури и таму каде што до скоро не можеше ни да се замисли дека ќе има интернет.

Конкретно во Охрид, овие сателити можеа да се видат минатите ноќи, најмногу од 20:00 до 21:00 часот, како летаат од југозапад кон североисток, а карактеристично е тоа што се движат по иста линија. Највидливи се во првите часови по зајдисонце и пред изгрејсонце кога „светат“, односно ја рефлектираат сончевата светлина. Точното време на поминувањето на овие сателити над Охрид може да се провери на веб страната: heavens-above.com

Таргетот на Старлинк во 2020 година се Северна Америка и Канада, а веќе во 2021 и остатокот од светот.

Астрономите се соочуваат со големи проблеми. Имено, нема повеќе да има „чисто“ небо. Овие сателити ќе го нарушуваат погледот на ноќното небо и ќе им попречуваат на астрономите во нивната работа. 

Моментално орбитираат 362 сателити, а планирано е бројот на сателити во ова Старлинк „соѕвездие“ да биде околу 12 илјади.

Но, ова не завршува тука. Покрај Старлинк, многу други компании се заинтересирани да започнат вакви свои мрежи од сателити, а што ќе се случи, останува да видиме.

WebOhrid