19/04/2024
Охрид

СДСМ: Изгубивме човек со бескрајна енергија, силна посветеност на работата и со јасна визија за Охрид

По повод ненадејната смрт на охридскиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски, ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое изразува жалење и упатува длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите на Стојаноски.

„Утрово во 48 година од животот ненадејно почина градоначалникот на Охрид д-р Јован Стојаноски.

Силно, болно и за неверување одекна веста дека градоначалникот Стојаноски не издржал и ја изгубил битката со животот.

Градот Охрид, СДСМ како партија чиј член беше покојниот Стојаноски изгубија човек со бескрајна енергија, силна посветеност на работата и со јасна визија за градот со кој раководеше.

Загубата е ненадоместлива, а тагата преголема.

Вечно ќе останат забележани неговите желби за развој на градот и поубава иднина на секој негов граѓанин. Но и неговата широка насмевка кога беше и најтешко и во миговите кога се случуваа турбулентни настани во Охрид и во Македонија.

Силно веруваше во луѓето, нивните капацитети и секогаш даваше шанса плус секому.

Д-р Јован Стојаноски е роден на 7 август 1970 година во Охрид. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методи“ во Скопје. Во 1999 година магистрирал во областа на маркетингот, а во 2003 година стана и доктор по Меѓународен туризам и маркетинг менаџмент.

Д-р Стојаноски професионална кариера ја започна како асистент а потоа и професор на факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Значајните партиски ангажмани во СДСМ – Охрид ги започнува како советник во Советот на Општина Охрид. Беше координатор на советничката група на здружената опозиција во периодот 2013 – 2017.

На последните избори во 2017 година д-р Јован Стојаноски беше избран за Градоначалник на Општина Охрид.

Градоначалникот Стојаноски беше оженет и татко на две деца.

Од име на партијата, членството и симпатизерите изразуваме длабоко сочувство до семејството Стојаноски.

Со длабока жал и почит ја известуваме јавноста дека Комеморативната седница по повод смртта на градоначалникот Стојаноски ќе се одржи во понеделник 17 декември во 10 часот во Големата сала на Општина Охрид. Посмртните останки истиот ден од 12 до 14 часот ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта каде што д-р Јован Стојаноски ќе биде и погребан.“ – се вели во соопштението од ОО на СДСМ Охрид, за сочувство за градоначалникот Стојаноски.