28/03/2024
Охрид

СДСМ: Од ВМРО ДПМНЕ забораваат и лицемерно испревртуваат тези и реални состојби

ОО на СДСМ Охрид испрати реакција до медиумите во врска со прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид за иднината на Универзитетот „Св. Апостол Павле“.

„ОК на ВМРО ДПМНЕ исто како и целата нивна матична партија продолжуваат со потхрaнувањето на лаги и наводна грижа за институции кои ги формирале, а никако не успеале да ги стават на здрави нозе за стабилно да функционираат.

Таков е и случајот со последната реакција на партискиот – општински портпарол на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски. Реагира и критикува процес со кој Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе има своја иднина.

Вели: – Власта на СДСМ создава правна несигурност и страв за сопствената иднина кај вработените и студентите кои не прифаќаат трансформација на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“.

Од ВМРО ДПМНЕ забораваат и лицемерно испревртуваат тези и реални состојби.

Предлагач на измените на Законот за Универзитетот не е пратеничката група на СДСМ туку други пратеници од други партии на кои пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ им се придружи, гледајќи го интересот на Охрид како град и ја поддржа иднината на Универзитетот наспроти раскалашеноста која ја оставија ВМРО ДПМНЕ на овој Универзитет и работи кои се решаваа сами по инерција.

Јавноста добро знае што се случуваше на Универзитетот и борбите за превласт на тронот и незаконското работење, нешто што го следи од основањето.

Доволно е портпаролот Божиновски да го прочита само Член 18 од Законот за високо образовани и се’ да му стане јасно. Така ќе сфати дека сега си игра со јавноста и изнесува лаги и невистини.

Случајно или намерно во ВМРО ДПМНЕ ги имаат измешано лончињата, не се предлага нов универзитет, не се укинуваат постоечките факултети, со измените во Законот само се престројува Универзитетот за да биде во согласност со постоечкиот Закон за високо образование.

Измените ги знае и студентската делегација со која се сретнаа и дел од предлагачите на измените во Законот, пратениците Жаклина Лазареска и Рубин Земон неодамна со нив во Охрид. Тој е веќе во редовна постапка и вчера во македонското Собрание во прво читање само се утврди потреба од негово донесување. Следната недела ќе се закаже Јавна расправа на која ќе се слушне мислењето на стручната јавност, МОН и други релевантни институции, Ректоратот, студентите и вработените на овој Универзитет. На крај во второ читање ќе се усогласат сите потребни и релевантни барања преку амандманска расправа.

Треба да се знае дека досегашните факултети: Факултетот за компјутерски науки и инженерство, Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика, Факултетот за информатички и комуникациски науки и Факултетот за информатички системи, визуелизација, мултиемедиа и анимација, се присоединуваат во Факултет за информатички науки и технологии, а не се укинуваат. Се додаваат нови наставни програми и факултети за Универзитетот да го зачува статусот на Универзитет.

Тековните акредитирани студиски програми од прв, втор и трет циклус, како и веќе споменатите факултети продолжуваат со работа, до завршувањето на статусните промени на единиците на Универзитетот, односно до времетраењето на акредитацијата на соодветната студиска програма.

Затекнатите студенти на студиските програми на сите досегашни факултети на Универзитетот го продолжуваат своето образование на Факултетот за информатички науки и технологии, според студиската програма по која ги започнале студиите.

Одредбите од ставовите на овој член ќе се применуваат до добивање на Решение за почеток со работа на Факултетот за информатички науки и технологии согласно со Законот за високото образование.

Наставниот кадар, основните средства за изведување на настава и студирање, соодветната опрема за спроведување на студиските програми, со лаборатории и услови за изведување на практична настава на факултетите во состав на Универзитетот се во согласност со позитивните законски норми и утвредните критериуми за изведување на високообразовната дејност. Сите единици на Универзитетот ќе работаат според елборат за студиски програми, обезбеден соодветен наставен кадар и финансиска оправданост.

Оттука беспредметно е и мешањето на УНЕСКО, дуалното образование и СДСМ во соопштението од страна на ВМРО ДПМНЕ во кашата која сакаат да ја создадат.

Оставете Законот да помине, Универзитетот да опстои и да се надградува во интерес на генерациите кои доаѓаат.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Охрид.