19/04/2024
Македонија

СДСМ: По намалување на извршителските и нотарските трошоци се отвора и можност за бришење на стари долгови на 200.000 граѓани

СДСМ испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Со низа на мерки на Владата предводена од СДСМ во семејните буџети се слеваат повеќе пари.

Намалување на извршителските и нотарските трошоци од 50 до 90%, отписот на камати на стари долгови за електрична енергија, топлинска енергија, намалувањето на казните за 70% за физички лица и намалување за 60% на казните за фирмите се дел од мерките.

Како што објави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, остварен е напредок во преговорите на Владата со ЕВН и ЕЛЕМ за бришење на долгови за струја настанати до 2006 година.

Постои волја за решавање на овој проблем, со што се отвора можност за бришење на стари долгови за 200.000 граѓани и семејства кои се заглавени во лавиринти со проблеми од извршители и блокирани сметки.

Очекувањата се дека по постигнување на конечен договор со овие компании, ќе може да се избришат долгови од 110 милиони евра, пари што на овој начин ќе останат кај граѓаните.

Владата предводена од СДСМ останува посветена на реализација на мерките и проектите што го олеснуваат животот, ги намалуваат трошоците, обезбедуваат повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани.“– стои во соопштението.