19/04/2024
Македонија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност пред граѓаните и активно да се вклучи во реформските процеси

СДСМ испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Целосно неосновани се тврдењата дека нема услови за демократско функционирање на Собранието.

Со промените по изборот на новата демократска Влада, спроведувањето на реформите и новите политики, започнати се процесите за Собранието да биде вистински храм на демократијата и да работи исклучиво во интерес на сите граѓани.

Во тие демократски процеси, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да даде придонес, а не да ги блокира.

Граѓаните на Република Македонија и целокупната јавност од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат конечно да се ослободи од политиките на поделби, блокади и деструкции и да земе активно учество во спроведувањето на зацртаните реформи.

ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што истовремено е врвен државен и национален интерес.

Новото време на соработка, заедништво, пријателство и напредок ги отвора можностите за развој на Македонија како едно демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви кон правата и кон обврските.“– стои во соопштението.