28/03/2024
Македонија

Се откочува постапката за полагање на лекторскиот испит

По четири години застој, се откочува постапката за полагање на лекторскиот испит, што беше оневозможена со досегашната регулатива за начинот на полагање донесена во 2013 година, истакна министерот Алаѓозовски на денешната прес конференција во Скопје. Министерот Алаѓозовски ја извести јавноста дека ја именуваше Комисијата за полагање на лекторски испит, во состав проф. д-р Искра Пановска – Димкова (претседател), проф. д-р Олгица Додевска – Михајловска (член) и проф. д-р Симон Саздов (член). Со овие и други постапки, Министерството започна со практично спроведување на измените на Законот за употреба на македонскиот јазик што стапија во сила на почетокот на оваа година.

На денешната прес – конференција, освен министерот Алаѓозовски се обратија и проф.д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик и проф. д-р Искра Пановска – Димкова, претседател на новоизбраната Комисија за полагање на лекторски испит.

Како што информираше министерот Алаѓозовски, Советот веќе достави предлог – правилник за начинот на полагање на испитот, кој се очекува да биде усвоен во текот на оваа недела, а Министерството за култура веќе назначи лице кое ќе ја обезбедува техничко -административната поддршка за оваа Комисија.

„Измените на Законот за употреба на македонскиот јазик обезбедуваат услови за полагање и утврдуваат дека лекторскиот испит се полага пред Комисија составена од претседател и двајца членови – стручњаци од областа со мандат од четири години, со можност за повторно именување. Министерот за култура, на предлог на Советот за македонски јазик ја именува Комисијата и ги донесува конкретните подзаконски акти – правилникот за начинот на полагање на испитот и програмата за испитот, што ќе го овозможи практичното спроведување на Законот и полагањето. Во Законот е специфицирано дека сите неопходни подзаконски акти треба да се донесат во рок од 3 месеци од стапувањето на Законот во сила“, посочи министерот за култура.

Како што и е познато на јавноста, лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година, кога Владата на Р.М донесе Заклучок со кој го задолжи Министерството за култура, по урнек на полагањето на правосудниот испит, да изготви измени во овој Закон и лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит, со софтвер обезбеден од Владата. Стручните лица задолжени за подготовка на софтверот од самиот почеток беа согласни дека електронското полагање на испитот не е соодветен инструмент за проверка на знаењето, односно не нуди објективна оценка за знаењето на кандидатот. Сепак, таков софтвер беше изработен, но по изработката сепак се утврдило дека е неприменлив и несоодветен, односно дека проверката на познавањето на граматиката, синтаксата, лингвостилистиката, зборобразувањето не може да се врши преку компјутерски тест, по пат на заокружување на веќе понудени одговори, во однапред уредена компјутерска програма, колку и да е таа совршена.

„Иако решението беше неспроведливо, преку Владата на Република Македонија, досега за изработка на софтверот се исплатија средства во износ од 327.918 ден., а за негово одржување за 17 месеци се исплатија средства во вкупен износ од 71.502 денари, односно износ од 4.206 денари месечно. Покрај овие средства, Министерството за култура исплати и 40.781 денари за обука на Комисијата за изготвување бази на прашања за полагање испит за добивање на лекторска лиценца и за Комисијата за верификување на прашањата од првиот дел од испитот и на прашањата и практичните примери од вториот дел од испитот за добивање лекторска лиценца“, информираше Алаѓозовски.

Професорот Спасов говореше за идните активности за реализирањето на 11-те предлог мерки на Владата на Р.М за унапредување на состојбата со македонскиот јазик, додека проф. Пановска – Димкова елаборираше за конкретните аспекти и начинот на спроведување на полагањето со новите законски решенија.