Седница на Извршниот Комитет на Советот на Европските полициски синдикати

Претседателот на Владата на Република Македонија заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска го отворија состанокот на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати.

На отворањето на состанокот се обратија и Андреас Симеоу, претседател на извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати, како и Ацо Антовски, претседател на Македонскиот полициски синдикат.

Сите говорници на денешниот состанок се согласија дека синдикалните организации се нужни во секое општество и дека нивната улога е клучна при поставувањето на норми и вредности во сферата на работничките права.

Нагласувајќи дека синдикатите силно и неуморно се борат за правата на работниците, Премиерот Заев рече дека ги подржува сите заложби на синдикалните организации, бидејќи во одредена мера тие се коректори на власта во сегментот на работнички права.

„Затоа, Власта е отворена за дијалог со синдикатите. Крајна цел на работодавачите и државата од една страна и на синдикатите од друга, е подобрување на условите за работа на сите работници.

Тоа може да се постигне само со дијалог во кој сите имаат иста цел, а тоа е благосостојбата на работникот. Со еднострани одлуки, само едната страна ќе биде задоволна. А тоа секако сите знаеме дека не е добро.

Никој нема корист, а најмалку општеството, од незадоволен службеник, од незадоволен работник или од незадоволен работодавач“, рече меѓу другото Премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека откако е формирана оваа Влада, таа го слуша гласот на граѓаните. Во исто време, тој истакна дека од овој принцип нема да никој да биде исклучок. 

„Пред македонскиот полициски синдикат и неговото раководство секојдневно стојат проблемите и отворените прашања на речиси осум илјади полициски службеници.

Но решението на тие прашања е и наша обврска. Полициските службеници секојдневно се судруваат со сторители на кривични, на прекршочни, а многу често и на тешки дела.

Затоа мора да гарантираме дека по завршување на работното време, тие ќе се вратат дома кај своите најблиски, спокојни и безбедни. А утредента ќе се вратат на работните места и ќе ги заштитат сите граѓани, сите нас, децата, младите, возрасните, пензионерите – целото општество“, додаде Премиерот Заев.

Министерот за внатрешни работи од своја страна истакна дека е оправдана потребата за постојано афирмирање и надградување на синдикалното организирање и работење.

„Раководството на министерството ја пружа својата целосна и безрезервна поддршка за развојот на синдикализмот, трудејќи се да ја интензивира неопходната социјална соработка и партнерство со синдикатот, која отвора нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија.

А се со една цел: подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Министерот Спасовски на македонскиот полициски синдикат му порача да ги употреби сите инструменти со кои ќе ги заштити и ќе ги унапреди правата на своите членови. „Од заеднички интерес е да ја реафирмираме полицијата во вистински сервис на граѓаните“, истакна министерот Спасовски.

„На тој пат мораме постојано да соработуваме дефинирајќи ги и имплементирајќи ги заедничките интереси и цели. Како во поглед на процесот на натамошно усогласување на платите на вработените во МВР со сродните институции во државата, но и со оние од регионот, така и во поглед на севкупните реформски зафати пред кои што е исправено Министерството како институција“. 

Од Македонскиот полициски синдикат истакнаа дека се надеваат дека ќе продолжи социјалниот дијалог со Владата на Република Македонија, со цел уште повеќе да се подобрат условите за работа на полициските службеници.

Претседателот на Извршниот Комитет на Советот на Европските полициски синдикати, Андреа Симеоу истакна дека полицијата е многу голем и важен дел од општеството, бидејќи нејзината примарна задача е заштита на граѓаните.

Претседателот на ИК на Советот на Европските полициски синдикати, на Премиерот Заев му порача да го продолжи добриот дијалог и да продолжи да гради заедничка почит и соработка со земјите од Европа.


Обраќање на премиерот Заев на состанокот на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати:

Почитуван Андреас Симеоу, претседател на извршниот комитет на советот на европските полициски синдикати, 
Почитувани членови на извршниот комитет, 
Почитуван претседател на Македонскиот полициски синдикат, Ацо Антовски, 
Почитуван претседател на Сојузот на синдикати на, Дарко Димовски
Почитуван министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, 
Почитувани полицајци, заштитници на граѓаните,
Почитувани медиуми, 
Почитувани гости,

Ми претставува особена чест што присуствувам на отворањето на настан на кој се слави синдикалното здружување во Република Македонија, но и во Европа.

Моето задоволството е уште поголемо, имајќи предвид дека годинава Македонскиот полициски синдикат одбележува голем, 25 годишен јубилеј од своето формирање.

А токму овој синдикат е првиот кој во независна Република Македонија се здоби со статус на репрезентативен синдикат.

Улогата на синдикатите во едно општество е од суштинско значење. Тие се тука, за да ги заштитат работниците и силно и неуморно да се борат за остварување на нивните права.

Владата на Република Македонија ги подржува сите заложби на синдикалните организации, бидејќи во одредена мера тие се коректори на власта во сегментот на работнички права.

Затоа, Власта е отворена за дијалог со синдикатите. Крајна цел на работодавачите и државата од една страна и на синдикатите од друга, е подобрување на условите за работа на сите работници.

Тоа може да се постигне само со дијалог во кој сите имаат иста цел, а тоа е благосостојбата на работникот. Со еднострани одлуки, само едната страна ќе биде задоволна. А тоа секако сите знаеме дека не е добро.

Никој нема корист, а најмалку општеството, од незадоволен службеник, од незадоволен работник или од незадоволен работодавач.

Јас многу добро знам дека дијалогот знае да биде тежок и мачен. Но во ниеден момент не треба да се откажувате. Се работи за вашите права како работници и вие најдобро знаете како да ги заштитите.

Дополнително, ако од крајниот епилог, преточен во колективен договор се задоволни двете страни, тогаш ќе бидете сигурни дека вредело да се борите.

Владата на Република Македонија во изминативе месеци покажа дека го слуша гласот на граѓаните и дека заеднички ги носиме одлуките. Пред македонскиот полициски синдикат и неговото раководство секојдневно стојат проблемите и отворените прашања на речиси осум илјади полициски службеници.

Но решението на тие прашања е и наша обврска. Полициските службеници секојдневно се судруваат со сторители на кривични, на прекршочни, а многу често и на тешки дела.

Затоа мора да гарантираме дека по завршување на работното време, тие ќе се вратат дома кај своите најблиски, спокојни и безбедни. А утредента ќе се вратат на работните места и ќе ги заштитат сите граѓани, сите нас, децата, младите, возрасните, пензионерите – целото општество.

Само пред два дена со Женевскиот Центар за Демократска Контрола на Вооружените Сили потпишав Меморандум за разбирање преку кој ќе се спроведува програмата за реформа на секторот на безбедносните и разузнавачки служби на Република Македонија за периодот 2017-2020 година.

Оваа реформа значи забрзано враќање на довербата во институциите како што е Министерството за внатрешни работи, односно враќање на довербата во полицијата – оваа доверба е од особена важност ако се има предвид дека до пред неколку месеци токму овие институции беа симбол на „заробената држава“ која ја наследивме.

Сакам да истакнам дека денешниот состанок на извршниот комитет на советот на европските полициски синдикати, претставува исклучителна можност македонскиот полициски синдикат да размени искуства со своите колеги од ваквите синдикални здруженија во Европа, да ги слушне нивните практики и искуства во областа на правната заштита на полицискиот службеник, и со тоа да ги зајакне своите капацитети.

Како земја која чекори на патот кон НАТО и ЕУ, соработката помеѓу синдикатите во рамките на Европа е повеќе од неопходна. Заедно ќе бидеме посилни, само заедно полесно ќе стигнеме до крајната цел.

На крајот, би сакал да честитам уште еден јубилеј – годинава извршниот комитет на советот на европските полициски синдикати ја прославува 30 годишнината од формирањето.

Оваа бројка, но и фактот што овој комитет е дел од Асамблејата на невладините организации во Советот на Европа, се показател дека синдикалните здружувања се силна алатка во напорите за подобрување на правата на работниците.

 


 

Обраќање на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на состанокот на Извршниот Комитет на Европските полициски синдикат:

Почитуван премиер на Владата на РМ, г-дине Заев, 
Почитувани гости од Советот на Европските полициски синдикати
Почитувани колеги и претставници на МПС

Во свое и во име на раководството на Министерството за внатрешни работи ви благодарам на поканата и можноста денес да бидам со вас и заедно да го започнеме овој значаен меѓународен синдикален собир. Ова се поклопува и со 7 мај, денот на македонската полиција.

Синдикалното дејствување е еден од суштествените општествени стандарди врз коишто се темели севкупното економско, социјално и општествено егзистирање. Би рекол дека тоа е темелна и универзална вредност на секое модерно, современо, демократско општество, нужна за негово нормално и просперитетно функционирање.

Оттаму, сосема оправдана е потребата за постојано афирмирање и надградување на синдикалното организирање и работење. И ова не само во името на професионалниот и личен интегритет и достоинство на синдикалците, туку и во интерес на напредокот и развојот на државата.

Тргнувајќи од ваквиот став, и свесни за тежината и значењето на декларираното, раководството на министерството ја пружа својата целосна и безрезервна поддршка за развојот на синдикализмот, трудејќи се да ја интензивира неопходната социјална соработка и партнерство со синдикатот, која отвора нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија. А се со една цел: подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција.

На сите нас ни е јасно дека полициската професија, без оглед за кој нејзин сегмент станува збор, е специфична и пред се крајно одговорна. Дополнително, имајќи го предвид законскиот делокруг на работа и работни задачи, токму од квалитет на нејзиното функционирање и извршување зависи степенот на личната и правна сигурност и безбедност на сите граѓаните и на Република Македонија. 
Во тој контекст сакам недвосмислено да истакнам дека Македонскиот полициски синдикат ја има можноста и нашата поддршка да ги употреби сите инструменти што му стојат на располагање во заштита и унапредување на работничките права, притоа ни малку не отстапувајќи и од постојаното афирмирање на професионализмот и стручната едукација на секој вработен.

Особено што примарно е заеднички да ја реформираме полицијата во вистински сервис на граѓаните, но и во максимално кредибилна институција на системот најодговорна во заштитата на уставно-правниот поредок и на слободите, правата и личната сигурност на сите наши сограѓани.

Актуелното раководство на МВР, како што е добро познато – не само низ призмата на досега реализираните конкретни активности – темелно работи на суштинско подобрување на условите и стандардите на работа на полициските службеници.

Ние сме должни да работиме во таа насока, исто како што синдикалците се должни постојано да се борат за унапредување на синдикалните и други работнички права.

На тој пат мораме постојано да соработуваме дефинирајќи ги и имплементирајќи ги заедничките интереси и цели. Како во поглед на процесот на натамошно усогласување на платите на вработените во МВР со сродните институции во државата, но и со оние од регионот, така и во поглед на севкупните реформски зафати пред кои што е исправено Министерството како институција.

Притоа, од огромна важност е да споделуваме што е можно повеќе сознанија, вклучително и меѓународни искуства и практики кои ќе бидат дополнителен инпут во градењето заеднички стратегии и концепти за генерално унапредување на работничките права и статус.

Во таа смисла, навистина радува долгогодишната соработка и активна партиципација на МПС во рамки на европската синдикална асоцијација – Советот на Европските полициски синдикати, особено од аспект на едукација, размена на информации и идеи.

И, особено, во поглед на дефинирање на заеднички стандарди како што впрочем и сугерира и денешната тема на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати – “Улогата на ЦЕСП во почитувањето на фундаменталните и статусни права на полицајците во Европа“. Тема што практично ги зафаќа сите суштествени прашања почнувајќи од статусот на полицијата, платата, обештетувањето, работното време, условите за пензија, правната заштита на полициските службеници и така натаму.

Во оваа прилика дозволете ми уште да нагласам дека и пред МВР и пред МПС се уште стојат крупни и сериозни предизвици. Верувам дека МПС како респектабилна синдикална организација може да даде голем придонес во унапредување на работничките права, но и во унапредување на поефикасното функционирање на МВР, преку квалитетно хармонизирање на она што значат “правата и обврските“.

По некојпат можеби ќе бидеме истомисленици, по некојпат можеби – со спротивставени ставови. Но секогаш мора да биде императив постоењето заедничка волја и посветеност кон изнаоѓање решенија.

На крајот честитајќи ви ги двата значајни јубилеја – 25 години дејствување на МПС и 30 години постоење на ЦЕПС, сакам да ви посакам успешна и плодна работа и во иднина. И се разбира уште подобра заедничка соработка во интерес на сите вработени во МВР.