20/04/2024
Македонија

SexEd: Табу темите нема сами да се срушат!

Инспирирани од концептот на мотивациските говори на ТЕД, а по повод 28 септември – Меѓународниот ден за безбеден абортус, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го организира својот прв SexEd – едукативно-инспиративен настан за сексуалноста и сексуалните права. Години наназад, 28 септември е денот кога активистките и активистите низ светот се мобилизираат со една заедничка цел: универзален пристап до безбеден и легален абортус како човеково право и право на здравје на жените.

SexEd 1.0. ќе се одржи на 28 септември (петок) во Кино Култура во Скопје со почеток во 19.00 часот. За правото на избор и за сеопфатното сексуално образование ќе зборуваат седум говорнички и говорници од Македонија, Романија, Холандија, Белгија и Ирска.

Преку индивидуалните приказни и согледувања, раскажани пред микрофон, SexEd ќе ги отвори темите што се дел од сечие секојдневје, но не и од јавниот дискурс. Иако сексуалното и репродуктивното здравје се неделив дел од животот на секој човек, достапноста на информации и услуги кај нас е далеку од доволна. Сексуалните и репродуктивните права се човекови права, но и натаму се прекршуваат.

Сè уште немаме нов закон за прекинување на бременоста, па девојките и жените во Македонија и ден-денес мораат да чекаат по три дена за да го остварат своето репродуктивно право. Услугите за сексуалното и репродуктивното здравје не се физички пристапни за лицата со попреченост. На позитивната листа и натаму нема ниту еден орален контрацептив иако контрацепција користат само 13% од населението. Младите се оставени сами да се информираат за сексуалноста и за репродуктивното здравје бидејќи во училиштата не се учи за сексуално образование. Додека родителите и наставниците се трудат да се фатат во костец со табу темите, говорот на омраза и насилството си виреат во училиштата и на социјалните мрежи.

SexEd е бесплатен и отворен за сите! Говорничките/-ците ќе зборуваат на македонски и англиски јазик, а ќе биде обезбеден превод само на знаковен јазик. Поради ограничениот број на седишта, пријавувањето за настанот е задолжително на https://bit.ly/2pmB7Sl.