Сејдини: ФФМ е спортски лидер во нашата држава. Заедно со УЕФА и ФИФА ја продолжуваме стратегијата за подобра фудбалска иднина

На Редовното Генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија во обраќањето пред присутните делегати, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини меѓу другото ги истакна следните предизвици со кои се соочува нашиот фудбал и чекорите кои ќе се преземат во следниот период. 

– Свесни сме дека актуелната здравствена криза и ширењето на пандемијата на Ковид-19 предизвика нешто што никогаш не е видено во историјата на фудбалот и спортот воопшто. Загрижени сме за здравјето на фудбалерите, навивачите, фудбалските работници и сите кои се поврзани со нашата игра.

Ова е ситуација која што никој не можеше да ја предвиди, но со неа мораме заеднички да се носиме. Пристапот ни е максимално одговорен, но нималку едноставен.

Затоа од се срце ви благодарам што заеднички минуваме низ овој тежок период, свесни дека во оваа криза само со извонредно координирани напори можеме да си помогнеме и да се обидеме да ја опоравиме клучната фудбалска вредност, а тоа се натпреварувањата.

Без единство и без солидароност никој нема да може да излезе од оваа ситуација, знаејќи дека сите сме меѓусебно зависни едни од други.

Откажувањата или одложувањата на натпреварите секогаш се најнепопуларна мерка, но во нашата ситуација друга можност, немаше.

Не сме единствени, сите национални сојузи во Македонија постапија исто, а тоа се случи и во многу други европски држави. Со таа разлика што прекин на првенството за ФФМ беше последното можно решение, откако ниту една алтернатива не овозможи да се заврши календарот за натпреварувачката сезона во македонската фудбалска лига.

Од идната сезона, Првата лига ќе брои 12-ет клубови. Сметаме дека со враќањето на два големи фудбалски центри, Битола со Пелистер и Струмица со Беласица, во секое коло ќе имаме дерби натпревар, а се надевам дека и младите фудбалери добро ќе се развиваат.

Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе биде сервис на клубовите и целосна поддршка кога се во прашање фудбалските работи. Но, мораме да ги почитуваме пред сѐ правилата за лиценцирање и критериумите за стадионите. Искрено, се надевам дека македонскиот клупски фудбал со поддршка од ФФМ само ќе се доближува до европските стандарди.

Посакуваме многу среќа и успех во Европските купови кои следуваат.

ФФМ е спортски лидер во нашата држава. Почитувана и транспарентна организација која се грижи за фудбалот и помага во сите Општински фудбалски Сојузи. Инвестирањето во тоа семејство за нас е клучно.

И ќе се повторувам ако кажам дека ФФМ како инстутуција не може сама да го носи товарот за целосно обновување на фудбалската инфраструктура. Ние зависиме и од општините и државата, но, ова е време кое бара ФФМ да вложува во стадионите, а тоа речиси без исклучок генерира поголеми средства во фудбалот.

Новата трибина на стадионот во Чаир ќе биде готова за помалку од два месеци, интензивно се градат трибините во Охрид и Битола, конечно со „чиста сметка“ и завршен терен и рефлектори излегуваме од Прилеп, започнуваме нови активности на тренинг центарот „Петар Милошевски“, таму поставуваме нови рефлектори и вештачки подлоги на двата терени. Заедно со УЕФА ќе ја градиме западната трибина на стадионот во Штип која ќе биде дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион со категоризација за натпревари од највисок ранг.

Како еден од нашите најголеми фудбалски центри, Штип заслужува репрезентативен стадион. Започнуваме со активности за целосна реконструкција на теренот во Велес и теренот во тетовско Џепчиште, а поддршка и финансиска помош за инфраструктурни проекти ќе дибијат и други стадиони и терени во државата.

Како човек кој долго време работи во фудбалот во Македонија, до минатата година мислев дека доволно и добро ги познавам и соблекувалните и стадионите и канцелариите и внатре и однадвор, но и луѓето.

Почитувам правила и закони и сметав дека така се однесуваат и другите. Посебно тие кои долги години извршувале одговорни функции. За сѐ друго, одговорноста е на државните институции и судските органи и се разбира на оној кој работел спротивно на законите.

ФФМ финансиски работи стабилно. Во еден период бевме драматично ставени „до ѕид”, но не дозволивме репрезентациите и академиите да почуствуваат дека нешто недостасува.

Посебно што во изминатата година ја исплативме најголемата премија во историјата на македонскиот спорт и ги наградивме фудбалерите и стручниот штаб за обезбедената можност да играме на Европското првенство.

Немајте сомнеж дека како никогаш досега сме подготвени и финансиски и на било кој друг начин да помагаме уште повеќе во проекти кои имаат за цел да го развиваат фудбалот во Македонија.

И се разбира и јас и сите околу мене сме подготвени да соработуваме со институциите на системот, било да е извршна или судска власт, доколку тоа се бара од нас по дела за кој сме пријавиле сомнение.

На крајот, би сакал да бидеме оптимисти. Европското првенство е остварување на сонот. Јас сум убеден дека македонската репрезентација ќе биде во најдобро издание на плеј-оф натпреварите од Лига на Нации и ќе уживаме во моментите на радост.

За сите други, аргументирајте, сеедно дали сте про или контра. Секој вистински и чесен коментар ќе пробуди интерес не само во одредена организација, туку и интерес за јавна расправа. А, тоа значи дека некој мора да се подобри.

Ние со поддршка од УЕФА и ФИФА ја продолжуваме нашата стратегија за подобра фудбалска иднина.