29/03/2024
Македонија

Шекеринска – Џаникли: Македонија и Турција се две пријателски и братски земји меѓу кои има искрена соработка и поддршка

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во официјална посета на Република Турција. Посетата се реализира на покана на министерот за национална одбрана на Турција, Нуретин Џаникли.

На средбата со министерот Џаникли, министерката Шекеринска истакна дека Македонија работи напорно за да стане 30-тата земја – членка на НАТО. Притоа се заблагодари за континуираната поддршка од Република Турција.

„Турција е земјата што постојано ги отвораше вратите за Република Македонија за членство во НАТО – Алијансата. На едно ниво имаме значајна политичка поддршка од Турција, а на друго кое е исто толку важно, е и поддршката во областа на одбранбените реформи и модернизацијата на вооружените сили“, истакна министерката.

Шекеринска го изрази очекувањето дека и во текот на следните месеци на состаноците во Алијансата, Турција ќе продолжи да ја поддржува нашата земја во аспирациите за членство во НАТО.

Министерот Џаникли на средбата рече дека Македонија е братска и пријателска земја и дека Турција ја поддржува на патот кон НАТО.

„Ако нема стабилност на Балканот, нема стабилност во Европа, а без европска стабилност, нема стабилност во светот. Балканската стабилност е од големо значење во глобални рамки. Турција ќе продолжи со безрезервната поддршка на Македонија во процесот на реформи во областа на одбраната“, истакна Џаникли.

На средбата министерот Џаникли информираше дека веќе е формирана група за поддршка на реформите во одбраната во Македонија и додаде дека таа група наскоро ќе пристигне во Македонија каде ќе ги оцени потребите и начините како Турција ќе и помогне на Македонија во реализацијата на одбранбените реформи.

Министерката Шекеринска го нагласи и интересот на Владата за соработка во делот на наменската индустрија во Република Македонија, по што беше договорена и посета на турски тимови на соодветните капацитети во нашата држава.

На министерката Шекеринска и беше приреден официјален пречек во Анкара. Македонската делегација го посети мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, неколку турски воено-производни капацитети, како и Потсекретаријатот за одбранбена индустрија.

Посетата на Турција продолжува со средбите со турскиот премиер Бинали Јилдирим и со министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.