29/03/2024
Македонија

Шекеринска и Царовска: Нема да се толерира насилство врз жените и децата

Вицепремиерката и  министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство.  Целта на посетата беше да им се даде березервна поддршка и заштита на жените кои преживеале насилство од своите партнери, но и уверување дека државата ги презема сите потребни чекори за борба против насилството врз жените.

Министерката Шекеринска во шелтер центарот разговараше со припадничка на АРМ, жртва на семејно насилство, која е сместена таму со своите деца, и го пренесе апелот да прекине молкот за овие случаи.

„Денеска сакам јас да ја испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и на сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија: семејното насилство не им се случува само на други. Тоа е околу нас, ги допира луѓето со кои што соработуваме, со кои што живееме, со кои што се дружиме и не смееме да останеме неми. За жал многу често вклучително и во ситуацијата која што денеска ја дискутираме, се случува жртвите на семејното насилство да бидат оставени сами на себе и да гледаат како нивните соработници, нивните колеги, нивните комшии, ги одминуваат и не се обидуваат дури ни да им помогнат. Тоа мора да го промениме. Семејното насилство се храни не само од силата на насилникот, не само од стравот на жртвите, туку и од нашиот молк. Ако продолжиме да молчиме тоа ќе стане само посилно“,  рече министерката Шекеринска.

Таа рече дека Министерството за одбрана и Владата ќе направат се државата систематски и институционално да им помогне на жртвите на семејно насилство. Во Министерството за одбрана и во Армијата ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.

Министерката Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата. Царовска рече дека за да може успешно да се спроведе ратификуваната Истанбулска конвенција потребна е и постојана соработка меѓу институциите.

„Секој човек, секоја жена треба да се чуствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право и сигурност која ние како држава мора да ја гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, Истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството“, изјави Царовска.

МТСП воведува кејс менеџментот (управување со случај), за кој социјалните работници поминаа обука за да може успешно да препознаваат социјален ризик во семејствата, но и да ги менаџираат и решаваат ваквите предизвици.

Инаку, во моментот функционираат  4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста  на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци. МТСП инвестира и во  објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 Центари за жртви на сексуално насилство.

Во соработка со граѓанскиот сектор, Министерството финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48 часа и Национална мобилна СОС линија,  кои се менаџирани од страна на граѓански здруженија.  Во Центарот за лица жртви на семејно насилство работи тим од стручни лица, кои освен задоволување на основната потреба на жртвата (и нејзините деца) за сместување во засолниште, се реализира и активностите за психо-социјална помош, поддршка и други активности содржани во планот за индивидуална работа, изготвен во Центарот за социјална работа. Стручните работници постојано го следат и евалуираат прогресот на активностите согласно планот, и за секоја промена на состојбата на жртвата го информираат месно-надлежниот Центар за социјална работа.

Согласно статистиката на Министерството за труд и социјална работа во 2018 година  вкупниот број на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица од кои  665 се жени, 140 мажи и 104 се деца.