19/04/2024
Македонија

Шекеринска–Китаровиќ: Македонија има сили и поддршка за целосна интеграција во ЕУ и НАТО

Во рамките на официјалната посета на Република Хрватска, министерката Радмила Шекеринска се сретна и со претседателката на Република Хрватска Колинда Грабар – Китаровиќ. На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и поддршката од страна на Хрватска за интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.

„Имате сили, имате многу пријатели, имате искрена и безрезервна поддршка од Хрватска на вашиот евроатлантски пат“, изјави Грабар – Китаровиќ на средбата.

Министерката Шекеринска ги истакна приоритетите на Владата и актуелните политички, општествени и одбранбени реформи во Република Македонија.

„Ние не го бараме членството како подарок. Посветено работиме да го заслужиме нашето членство во НАТО и ЕУ. Максимално сме фокусирани на унапредување на состојбите преку решавање на отворените прашања, а не одбегнување на истите“, истакна Шекеринска на средбата.

И двете соговорнички се согласија за потребата од интензивирање на соработката во регионот и негова понатамошна евроатлантска интеграција. Претседателката Грабар – Китаровиќ упати поддршка за реформски ориентираната Влада на Република Македонија и нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во евроатлантските интегративни процеси.