19/04/2024
Македонија

Шекеринска на Меѓународна школа за управување во услови на мигрантски кризи

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на свеченото отворање на Меѓународната летна школа на тема „Управување во услови на мигрантски кризи“ што се одржува во организација на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во обраќањето до присутните министерката рече дека ниту една земја не може да се изолира од геополитичките проблеми во светот. Шекеринска потсети дека во 2015 година на драматичен начин и Македонија се соочи со голем мигрантски бран чија крајна дестинација беа западните земји и дека иако како држава успеавме да се справиме со ситуацијата, сепак стана видлива потребата од стекнување на вештини за надминување на таков вид кризи.

Министерката Шекеринска посочи дека мигрантските кризи немаат влијание само врз безбедноста туку можат да влијаат и на политичкиот живот во земјите кои се соочуваат со наплив на бегалци. „Затоа пред сите нас стои задача да обезбедиме нормално функционирање на институциите во услови на мигрантска криза“, рече министерката додавајќи дека една држава е толку силна колку што и се силни институциите.

Шекеринска се наврати и на постигнатиот договор со Грција за решение на спорот за името, велејќи дека тој ќе значи посигурна и постабилна иднина за нашата земја и за граѓаните. Нам ни треба сојузништво со ЕУ и НАТО, безбедни граници, стандарди во економијата, политиката,бизнисот и во животот, рече министерката нагласувајќи ја регионалната соработка како основа во успешното справување со сите предизвици.