18/04/2024
Македонија

Шекеринска на отворањето на музејската изложба

Поканата за членство во Алијансата, потпишаниот пристапен протокол, Договорите со Бугарија и со Грција, голем број на одликувања и награди доделени на воениот и државниот врв и многу други експонати се дел од Музејската изложба „70 години НАТО и Република Северна Македонија, 30. членка на Алијансата“, која беше отворена денеска во Воениот музеј.

На изложбата која се организира по повод 4. Април – Денот на НАТО, промовирана беше и јубилејната поштенска марка посветена на 70-годишнината на Алијансата. Издавањето на поштенската марка ја следи традицијата на издавање на првите поштенски марки на НАТО во 1952 година, од страна на Соединетите Американски Држави и Португалија.

„НАТО – Алијансата е најмоќниот воено – политички сојуз на денешницата и на Денот на НАТО, добро е да се потсетиме на ’моторот’ на оваа организација, а тоа е колективната одбрана и безбедност, но можеби уште поважно, на духот и вредностите кои се вградени во темелите на евроатлантската Алијанса – а, тоа се индивидуалните слободи, демократијата, човековите права, и владеењето на правото“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на отворањето на изложбата.

Министерката додаде досега Денот на НАТО го одбележувавме, не само затоа што веруваме во вредностите на Алијансата, туку и затоа што имавме јасна цел да бидеме нејзин дел. Порача дека оваа година, овој ден е и ден на нашата земја, нашите граѓани.

„Денеска е подобро. Денеска е поинаку. Денеска овој ден е и наш ден како земја поканета да стане членка на НАТО алијансата. Денеска сме горди затоа што и нашата татковина седи на масата на Алијансата заедно со сите сојузници, а очекуваме во брзо време, ќе има можност и да носи одлуки кои ќе влијаат на глобалната сигурност, глобалната безбедност и мирот во светот“, истакна Шекеринска.

Во контекст на членството во НАТО, министерката истакна дека на овој ден, најголемата честитка стигна од Полска и од Словачка, чии парламенти го ратификуваа протоколот за членство на нашата земја во Алијансата.

„Го одбележуваме 4. Април, верувајќи во уште помирно, побезбедно, поперсперитетно утре за сите нас. Гледајќи низ историјата, преку сите поставки на оваа музејска изложба, се потсетуваме каде бевме, но и што сè постигнавме заедно со многу труд, со многу работа, со многу одрекувања и често пати болни компромиси. Следниот 4. Април, на ова место немам дилеми дека заедно со овие важни Документи ќе стои и последниот печат – а, тоа ќе биде документот со кој ние ќе се потврдиме како 30. членка на најмоќниот воено политички сојуз“, заклучи министерката Шекеринска.

По отворањето на музејската изложба, во организација на Министерството за одбрана и фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје (ФЕС), се одржа панел – дискусија, на тема „70 години НАТО – успех кој се должи на спремноста за промени“.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, на панел – дискусијата истакна дека му претставува чест да се биде на врвот на воената хиерархија и да се раководат процесите за имплементирање на стандардите за полноправно членство во НАТО.

„Ги споделуваме вредностите, принципите, но и одговорностите од членството во Алијансата“, рече Ѓурчиновски.

На панел дискусијата учествуваа и генералот Стјуард Скејтс, заменик командант на НАТО – Командата во Брунсум, пензионираните генерали Илија Николовски и Мирослав Стојановски, полковникот Зоран Јанковиќ, шеф на НАТО- канцеларијата за врски во Скопје, директорката на ФЕС, Ева Елерајт и професорката Лидија Георгиева.