19/04/2024
Македонија

Шекеринска на трибината „НАТО и ТИ“

Министерството за одбрана денеска по повод Денот на НАТО организираше трибина „НАТО и ТИ“ на која министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорот на САД Џес Бејли, хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО капетанот Горазд Бартол дискутираа за тоа што претставува НАТО-Алијансата, зошто Македонија сака да биде дел од неа и кои се придобивките од членството за државата и за македонските граѓани.

„Македонија сака да биде дел од Алијансата зашто НАТО е еден од најуспешните сојузи во историјата на човештвото. Половина од светската економска моќ, но и половина од воена моќ е онаа на НАТО. Воената моќ не значи дека Алијансата има капацитет за напад, туку дека има капацитет да гарантира колективна безбедност и колективна одбрана“, рече министерката Шекеринска.

Шекеринска се осврна на две прашања – зошто Македонија сака и зошто може да биде членка на НАТО, истакнувајќи дека тоа е консензуална определба на граѓаните, но и на политичките партии. „Ако ја погледнете листата на земји со највисок квалитет на живот по различни основи, ќе видите дека од првите десет од секоја листа, осум се членки на НАТО, една е партнер на НАТО, една е опкружена со НАТО-членки“, рече министерката. Додаде дека за Македонија, членството во НАТО ќе ја гарантира безбедноста и ќе овозможи економски раст.

Министерката се осврна и на тоа дека според Вашингтонскиот договор кој е потпишан на денешен ден, секоја земја која може да придонесе во колективната безбедност и која ги споделува истите вредности – владеење на право, демократија, слобода може да стане земја – членка.

„Многу е важно дека во последните десет месеци покажавме дека демократското ткиво во Македонија не било изгубено“, рече таа. Истакна дека денеска во медиумите наместо пропаганда, се слуша критика кон оние кои имаат одговорност, дека во правосудството предизвиците постојат, но дека политичарите веќе не се над законот, дека власта не бега од дебати и дискусија и дека воведува транспарентно работење.

Министерката потсети на зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во Собранието на Република Македонија рече дека сојузниците се импресионирани од реформите кои нашата земја ги правеше и сè уште ги прави.

Во однос на можностите за развој на армиската професија, особено како дел од НАТО, министерката истакна дека не постои друга професија која нуди толку многу можности за напредување и за обука во многу земји, како што е армиската и ги повика сите млади луѓе да се пријават на јавниот оглас за прием на професионални војници кој е во тек.

Министерот за финансии Тевдовски истакна дека приоритет за Македонија е членството во НАТО, а тоа може да се види и преку значителното зголемување на буџетот на одбраната, прв после подолг период. Додаде дека членството ќе донесе сериозни економски бенефити за Македонија, зашто НАТО претставува колективна безбедност за земјите членки, а безбедноста и сигурноста се многу поважни за инвеститорите, од сите останати услови. „НАТО е сидро на безбедноста и примерите од нашето соседство покажуваат сериозен раст на инвестициите по нивниот влез во НАТО“, рече Тевдовски и како примери ги наведе Албанија и Бугарија каде инвестициите се зголемиле двојно.

Амбасадорот на САД, Бејли на оваа трибина посочи дека по тоа што таа се разликува од претходните дискусии е дека сега може да се каже дека постои реална можност Македонија наскоро да стане членка на НАТО и рече дека се цени учеството на Македонија во мисиите на НАТО-Алијансата.

Хрватската амбасадорка Баришиќ истакна дека НАТО не е само воена алијанса, туку и политичка алијанса и алијанса на заеднички вредности. Додаде дека сите ние сакаме да живееме во демократски свет, во свет во кој владее правото и дека тоа е можно само во една безбедна околина, за која се потребни партнерите во НАТО.

Морнаричкиот капетан Бартол, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје посочи дека Алијансата е организација на 29 земји – членки и изрази надеж дека многу наскоро таа ќе стане организација на која ќе и се приклучи и триесеттата.

Трибината беше отворена со воведни обраќања од Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, претседателот на светската АТА организација Фабрицио Лучиоли и претседателот на АТА Македонија и советник за НАТО на Премиерот, Исмет Рамадани.

Трибината е во коорганизација со АТА Македонија, НАТО – Канцеларијата за врски и Хрватската амбасада во Република Македонија.