28/03/2024
Македонија

Шекеринска: Сакаме да бидеме посиромашна Влада, парите да ги насочиме за побогати граѓани

Потпретседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната трибина во Битола „Фер општество – Шанса за сите“ одговараше на прашањата на граѓаните на различни теми, од локален, но и од национален интерес.

Во своето завршно обраќање, министерката Шекеринска образложи дека клучните политики на коишто се обврза Владата на Република Северна Македонија, се реализирани. Притоа ги спомена намалувањето на казните за физичките и правните лица и намалување на трошоците за услугите на извршителите.

„Ова ми е прва трибина во последниве 4 години каде што никој не ги спомна извршителите. Факт е сѐ уште имаме остаток од стариот модел. 16 ставки од извршителските трошоци ги укинавме. Вкупниот трошок во делот на извршителските трошоци, во делот таму каде што сѐ уште се плаќа го намаливме од 50 до 90%. Не беше лесно, ама можело. Само во претходнава година успеавме за малите и средни претпријатија, најголем дел од казните да ги намалиме за 60%. Кај еден дел, кај граѓаните 70%. Убаво е државата повеќе пари да собира, ама не е убаво ако граѓанинот е сиромашен, државата да се обогатува со тие пари. Не е лесно да се фокусираме на теми коишто значат послабо финансирање на државните трошоци, но поголеми пари кај граѓаните. Ќе ви ветам и во мое лично име и во име на Владата, дека така ќе продолжиме. Сакаме да бидеме посиромашна Влада на побогати граѓани. Затоа политиките на пораст на платите на отворање на подобро платени места ќе ни бидат главна политика“, потенцираше министерката Шекеринска на трибината со граѓаните од Битола „Фер општество – Шанса за сите“.