25/04/2024
Македонија

Шекеринска – Столтенберг: Местото на Македонија е во НАТО

Македонија покажа дека има капацитет да спроведе реформи во духот на вредностите на НАТО, да се фокусира на демократските процеси, реформите во одбраната, да ги унапреди добрососедските односи и да стане фактор на стабилност во регионот. Со доследно спроведување на реформите, местото на Македонија е во НАТО – беше речено на денешната средба на министерката Шекеринска и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На средбата министерката посочи дека во Македонија меѓу граѓаните и на политичката сцена има недвосмислен консензус дека државата треба да биде полноправен член на НАТО и Европската Унија. Министерката го информираше генералниот секретар на Алијансата за зголемувањето на буџетот во одбраната, како и за одлуката за зголемување на македонскиот контингент во мисијата во Авганистан. Шекеринска се заблагодари на позитивниот одговор од НАТО за вклучување на Македонија во Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната.

„Исполнувањето на нашата стратешка цел Македонија да стане 30. членка на НАТО е од големо значење, не само за нашата земја туку и за мир и стабилност на Балканот. Членството на Македонија во НАТО е цел која ги обединува сите граѓани и околу која постои политички консензус. Потребно ни е охрабрување и поддршка за да можеме да ја испратиме пораката дека таа цел е остварлива“, рече министерката.

Шекеринска рече дека Владата и Министерството постигнаа силен пробив во реализацијата на реформите и дека во иднина ќе се продолжи со исто темпо.

„Го исполнивме нашето ветување и го зголемивме присуството во мисијата „Одлучна поддршка“ за 20 проценти. Кога ветуваме, исполнуваме, а така работиме и на одбранбените реформи“, рече министерката.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг се заблагодари за долгогодишниот придонес на Армијата на Република Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан и го поздрави 20-процентното зголемување на силите на АРМ во „Одлучна поддршка“. Изрази задоволство од посветеноста на Владата и на Министерството на реформите и развојот на добрососедските односи, и додаде дека Македонија има целосна поддршка во реализацијата на овие реформи.

Рече дека ги поддржува напорите Македонија да стане членка на НАТО и дека има причини да се биде оптимист, без да се губи реалистичноста, бидејќи има уште предизвици.

„Го ценам вашиот придонес во мировните мисии. Вашето учество таму е бонус кој ви дава аргумент дека сте сериозен кандидат за членство во НАТО. И зголемувањето на буџетот во одбраната е потег кој придонесува во оценката на НАТО дека сте квалификувани да станете член на Алијансата “ – рече Столтенберг.

Столтенберг на министерката Шекеринска и честиташе за личното лидерство, посветеноста и начинот на кој таа ја претставува земјата во убедувањето на сојузниците колку е важно членството на Македонија во НАТО.

Средбата на Шекеринска и Столтенберг се одржа во Министерството за одбрана, што е прва посета на генерален секретар на НАТО на Министерството по повеќе од една декада.

https://www.youtube.com/watch?v=biuXr7W1sj0