Шекеринска во пресрет на посетата на Столтенберг: Македонија се врати на патот на евроатлантската интеграција

На денешната прес-конференција Министерката Шекеринска одговараше и на новинарски прашања, од кои на прашањето поврзано со претстојната посета на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Република Македонија и очекувањата од оваа посета Министерката Шекеринска истакна: „Се разбира дека посетата на генералниот секретар на НАТО е порака сама по себе.  Тоа покажува дека во овие изминати 6 месеци успеавме Македонија да ја вратиме назад на евроатлантската патека. Успеавме да ги неутрализираме сите оние лоши вести, лоши информации кои што во континуитет во изминатите години доаѓаа од Македонија. И успеавме на Македонија да и отвориме нова шанса. Посетата ја гледаме како можност на Македонија да се претстави во поинакво светло, како држава која ги решава своите проблеми, како држава која работи на својот приоритет и како држава која реално верува дека членството во НАТО и во ЕУ значат поголема сигурност и поголем просперитет на граѓаните на РМ. Погледнете ја само еврообврзницата од пред неколку дена. Една од причините за така ниската каматна стапка лежи и во вербата на многумина кредитори дека Македонија е идната членка на НАТО. Се разбира дека главната цел на посетата на генералниот секретар на НАТО е да слушне и од наша страна, од страна на Република Македонија, што е она што сме го сработиле, но и да слушне какви се нашите планови. Во делот на одбраната имаме со што да се пофалиме. Пред генералниот секретар ќе излеземе со податоци за зголемен буџет во одбраната, со веќе зголемено учество во НАТО мисијата во Авганистан, кој што беше еден од приоритетите на генералниот секретар пред само неколку месеци, и со нови политики на транспарентност и интегритет кои што покажуваат дека Македонија за да биде вистински член на НАТО прво треба да си обезбеди интегритет и транспарентност и одговорност во своето функционирање. Во делот на одбраната буквално пред генералниот секретар ќе имаме што да покажеме и ќе имаме и што да најавиме за следниот период“.

Сите останати прашања и одговори погледнете ги во видеото подолу.