23/04/2024
Дебрца

Сенародна слава во историски прославената општина Дебрца

Во Охридското село Годивје, во Црвена Вода и во други места од општина Дебрца, денеска беше вистински празник за очи и душа.

Денеска, како сите патишта да водеа во Годивје, на големата сенародна прослава, одржана под формалното име: „Ѓомлезијада – Годивје – 2018“.

Манифестацијата започна уште рано наутро, со подготвување на народниот, локален специјалитет – ѓомлезе, меѓу населението познато јадење и како тури-потпечи.

Вевчанката Лида Даскалоска го направи најубавото ѓомлезе за што беше наградена со 10 000 денари. Ратка Крстаноска од Ботун, за освоеното второ место, доби парична награда од 7 000 денари, а за третата награда Родна Трајческа доби 3.000 денари.

Годивје денеска беше преполно со гости – роднокрајци, иселеници кои се тука за време на летните одмори, но и странски туристи, кои слушнале за настанот па дошле да го посетат.

Забавата дополнително беше збогатена со настапи на фолклорни ансамбли од земјата и странство.

Покрај од општина Дебрца (КУД „Дебрца“ – Мешеишта), и општина Охрид, ќе настапат фолклорни ансамбли од други македонски градови, но и од 4 странски земји: „Дофтината“ (Валеа Дофтанеи) – Романија, „Скални“ од Краков – Полска, „Подуенска китка“ од Софија, Бугарија и КУД „Св.Криж“, од Зачартје, кај Загреб.

За целото време, гостите ќе ги забавуваа фолклорни групи, како Група Прима Бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски, Спасе Матлиоски и други.

Денеска завршија и активностите од 34-та, по ред, Ликовна колонија „Дебрца – 2018“, чии учесници, на последниот ден, создаваа дела на кладенците во селото Црвена Вода, а потоа им се придружија на славениците во селото Годивје, заедно со градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.