„Сите сме деца на Илинден“ е мотото кое што ги обединува чествувањата на Денот нa Републиката

На предлог на Организациониот одбор, Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 146-та седница ја утврди Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август Илинден, за која е задолжена Владата на РСМ, и која, во координација со Собранието на Република Северна Македонија и со Претседателот на Република Северна Македонија, предвидува голем број свечености, чествувања и обраќања.

Слоганот под кој се обединети сите чествувања, е „Сите сме деца на Илинден“ како концепт кој ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, празнуваме, кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. 

Свеченостите по повод Денот на Републиката започнуваат со активностите на Претседателот на Република Северна Македонија, кој заедно со делегациите ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и ќе се поклонат пред споменикот на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто. 

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, заедно со Сојузот на борците ќе положи цвеќе на Алејата на славните, по што ќе следува прием за гостите и за делегацијата на борците во претседателската вила на Водно, каде што Претседателот на Република Северна Македонија и претставник на Сојузот на борците ќе имаат и свои обраќања по повод празникот. 

Одбележувањето на празникот истиот ден се чествува и во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. На свеченоста по повод Денот на Републиката – 2 Август, и по повод 75 годишнината од првото заседание на АСНОМ ќе говори претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, по што следува културно-уметничка програма.

Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август во Крушево ќе се одржи на Мечкин Камен, каде после положувањето свежо цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, следува обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев. По обраќањето е предвидена и свечена културно-уметничка програма. 

Како дел од Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август, се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“. Свечената програма предвидува положување на свежо цвеќе на спомен обележјата, по што следи посета на меморијалниот музеј Смилево.