18/04/2024
Македонија

„Сквер арт“ на плоштадот во Ресен

На плоштадот во Ресен, вчера се одржа манифестацијата „Сквер арт“. 50-тина ученици од основните училишта од цела Преспа, на ликовната работилница под отворено небо, имаа слобода и можност своите креации да ги престават на плочките на градскиот плоштад „Цар Самуил“, на штафелаи, на хартија и на паноа.

„Оваа манифестација е многу важна за нас како организатори на овој настан, затоа што ја побудуваме креативноста кај младите, а воедно ги мотивираме да креираат и заеднички да се дружат, да ја покажат својата умешност на дело и да остават белег во однос на ликовната уметност во Преспа“, – истакна директорот на Јавната установа Дом на култура „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Покрај Домот на културата кој е организатор на овој настан, истиот е под покровителство на Локалната самоуправа.

„Децата се нашето најголемо богатство. Наша задача е да ги мотивираме и да им даваме постојана можност да се усовршуваат и да ги покажуват своите потенцијали, сеедно дали е тоа уметност, спорт или некоја научна дејност. Можеби токму некој од овие учесници ќе биде голем уметник и ќе ја претставува нашата општина на натамошни големи ликовни манифестации“, – рече градоначалникот Живко Гошаревски.

Покрај учесниците, можност да нацртаат нешто и да земат учество во манифестацијата имаа и случајните минувачи, кои беа воодушевени од креативноста на најмладите.

Ликовната работилница „Сквер арт“ е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за проекти од национален интерес од областа на културата за 2018 година.