28/03/2024
Охрид

Со документарен филм ќе се одбележат 40 години од првото освојување на Мон Блан од охридска планинарска експедиција

И денес им навираат убави спомени од подвигот што го направија пред 40 години, деветчлена охридска планинарска експедиција го искачи 4.810 метри високиот Мон Блан на Алпите, „освојувајќи“ го од француска страна.

Владo Бојаџи, Љупчо поп Стефанија, Владимир Тунтев, Михаил Битрак, Андон Бојаџи, Климе Волкан, Миле Бафчанџиев, Људмил Цветаноски и Кирил Филев се запишаа во историјата како прва охридска и трета македонска експедиција која успешно ја заврши оваа алпска авантура. Поврзани во навеза по двајца, Љупчо поп Стефанија, Михаил Битрак, Климе Волкан и Људмил Цветаноски се искачија највисокиот врв во Западна Европа. Имале и потешкотии и силно невреме што ги зафатило и искачување пеш дел што требало да го поминат со жичара, но сето тоа на крајот како да било безначајно во поглед на она што го постигнале.

„Крајот на 70-те години во Охрид се појави организирано планинарење, бевме една убава екипа. Често пати одевме на Пелистер и пред да се случи ова, со битолските планинари многу добро соработувавме, секогаш бевме заедно. Тие направија екипа која отиде на Мон Блан. Тоа беше првичната искра што не натера да размислуваме дали можеме и ние. И започнавме со подготовки, речиси цела година,“ – се потсети Љупчо поп Стефанија, раскажувајќи го целиот тек на подвигот.

„Оваа иницијатива успеавме да ја оствариме како трета македонска екипа што се искачила на Мон Блан после алпинистите од Матка од Скопје и битолските планинари.Екипата бевме девет планинари, Владо Бојаџи ни беше водич пратител. Искачувањето беше од француската страна, преку Валум превојот каде остана дел од екипата, се искачивме по северозападниот раб. Следната година имавме уште еден мал подвиг, јас и уште двајца планинари се искачивме од италијанската страна. Во планината има многу убави нешта, моменти да се доживеат, да се релаксираш, да наполниш батерии, самиот да се провериш до каде можеш да издржиш физички, ова нема возрасни граници, цел живот може да се занимаваш со овој спорт, ќе се одбере соодветна тура, а заедничко за сето тоа е убавото дружење. Незаборавни спомени кои се паметат цел живот,“ – истакна Поп Стефанија.

Михаил Битрак, кој се искачи на врвот и кој за жал не е повеќе меѓу нас уште од детството бил задоен со планинарството. Емоциите навираат бидејќи тој беше човек со големо срце, со љубов спрема еден простор кој за него беше живот. Тој секогаш го споменуваше овој настан, се потсети неговата сопруга Елида Битрак.

„Имало една случка која ми ја раскажа и се уште ја носам во мислите. При искачување почнале да му отрпнуваат нозете и рацете, со оглед на тоа штоп немаа соодветна опрема. Планинарејќи ги застанал искусен планинар и му дал на Миле специјални чорапи. Тие чорапи и ден денес ги чуваме за спомен,“ – вели Битрак.

Мон Блан не е така наивно да се искачи, последниве години, на годишно ниво зема стотина животи. Имавме долги и напорни подготовки, иако без соодветна опрема, но тоа многу ни значеше при искачувањето. Планинарењето на тоа време не беше популарен спорт, па сега ми е многу драго што ние со нашето искачување, во мал дел инициравме да се развива планинарството. Од една страна е личната сатисфакција, од друга е придонесот поединци да почнат да се занимаваат со планинарство, истакна Људмил Цветаноски.

„Сега имаме планинари во Охрид како Мартин Пејоски, Антонио Додески, Мишко Танески и други. Ако ние сме биле иницијатори за оваа нивна љубов кон планината, значи акцијата за искачување на Мон Блан била успешна. Само еднаш искачете се на планина и ќе ви биде се’ јасно. Кога ќе ја видите и почувствувате убавината на планината тоа нема да го заборавите. И секогаш ќе барате да се вартите пак,“ – децицен е Цветаноски.

Според Климе Волкан, планинарењето е спорт кој ве исцрпува и заморува, но истовремено и оплеменува. Најзначајна е личната сатисфакција дека сте успеале во нешто.

„Планинарењето е спорт кој се разликува од фудбалот, кошарката, бидејќи таму штом постигнете успех имате публика од 10, 15, 20 илјади луѓе кои ќе ве бодрат. Овде задоволството и победата, се победувате самиот себе, ја делите вие и пријателот со вас, најмогу тројца. Тоа не се опишува со зборови, личната сатисфакција дека сте се докажале сами пред себе,“ – рече Волкан.

За овој настан, за кој можеби малкумина знаат, на иницијатива на охриѓанецот Кирил Димов – Гафиљ, Супер радио изработи специјален документарен филм „Од Белото езеро до Белата планина – 40 години подоцна“, во кој се споделени спомените и бројни ретки материјали од овој настан.

„Зад комплетната продукција и промоција на проектот застана екипата на охридското Супер радио, водечкиот медиум во овој дел на државата. Идејата на Кирил ја прифативме веднаш, затоа што станува збор за настан за кој знаат малкумина, особено од помладите и сметаме дека е навистина автентична, убава и охридска приказна која треба да се раскаже. Охрид има многу, можеби и премногу убави приказни кои само чекаат да бидат раскажани. Времето поминува и за жал дел од нив, заедно со главните херои заминуваат во историјата. Во реализацијата учествуваше дел од нашата екипа. Сценариото и режијата се на Сашо Митан, наратори се Даниела Спасиќ и Даниел Наумоски, додека камерата е на нашиот колека Реџеп Селман. Ова е нешто што треба да остане во историјата на Охрид и ние од срце влеговме во овој проект и се надеваме дека успешно го реализиравме. Останува да го види и публиката и да го даде својот збор за истиот,“ – изјави првиот човек на Супер радио Јане Стефанов.

Премиерата на документарниот филм за подвигот на охридските планинари е закажана за недела на OhridPress, по што вечерта, од 20:45 часот ќе се одржи и Тв премиерата на охридската ТвМ телевизија.