Со концерт на „Крафтверк“ почнува 20. „Таксират“

Со концерт во живо кој ќе биде надополнет со специјалнo 3Д визуелно шоу на една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот, „Крафтверк“ денеска во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје започнува 20-тото издание на фестивалот„Таксират“.

Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината „Крафтверк“ ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век.

Музиката насветски познатиот електро состав изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови, а поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто. Концертот на „Крафтверк“, кои по 13 години повторно гостуваат кај нас овој пат е надополнет со извонредното 3-Д шоу од нивната актуелна и исклучително успешна светска турнеја.Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3Д концертите на „Крафтверк“претставуваат вистинско уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.

Во своите речиси 50 години постоење групата објавила десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два лајв албуми, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објави во мај минатата година.

Влезот за концертот на „Крафтверк“ во Скопје, како ексклузивен настан во организација на „Таксират“ и „Пасворд продукција“, за посетителите ќе биде отворен во 19:30 часот, а почетокот на концертот е закажан за 20:30 часот.