28/03/2024
Македонија

Со пречекорување на овластувањата и несовесно работење битолско ЈП оштетено за 15.052.731 денари

Секторот за внатрешни работи Битола до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против лицата К.К (55), М.М. (59) , В.П. (58) и С.Х. (55) сите од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела – “злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.3 и 5 и “несовесно работење во службата“ по чл.353 в од КЗ на РМ.

Првопријавениот во својство на службено лице-директор на ЈКП Нискоградба – Битола ги пречекорил своите службени овластувања па така во периодот од 2013 до 2017 година во повеќе постапки за јавни набавки превзел дејствија спротивни на одредбите од Законот за јавни набавки, со што му нанел штета на ЈКП Нискоградба Битола.

Имено, во текот на 2016 и 2017 година по завршување на постапките потпишал договори за јавни набавки на бензин и масло за греење-Екстра лесно, а по предлог одлука од комисијата за јавни набавки (чии што членови биле второ, трето и четвртопријавениот), без при тоа да да биде побаран доказ (лиценца) издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за извршување на дејноста пропишани во Законот за енергетика чл.37 и Законот за јавни набавки чл.148, со што му овозможил на правно лице од Битола да се стекне со имотна корист од 5.892.700 денари без ДДВ.

Исто така, со неизвршување на својата службена должност, К.К. во 2015 година, не назначувајќи лице кое ќе биде задолжено за контрола и следење на реализацијата на договор со правно лице од Скопје за набавка на полиетиленски коругирани канализациони цевки, во 2017 година потпишал договор во вредност од 7.500.000 денари со истото правно лице, иако знаел дека постигнатата конечна вредност по одржаната е-аукција била 547.415 денари. На тој начин му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со вкупна имотна корист од 7.091.710 денари без ДДВ.

На сосема ист начин и во 2016 година К.К., по однос на договор со правно лице од Скопје за набавка на канализациони цевки (ПВЦ и бетонски) во вредност од 2.000.000 денари, без да се потпише анекс договор на основниот договор, му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со дополнителни 189.591 денари повеќе од потпишаната вкупна вредност од 2.000.000 денари.

Во периодот од 2013 до 2017 година К.К. врз основа на договорите со правно лице од Битола потпишани по спроведени постапки, дозволил да се набавуваат стоки кои не се во состав на техничките спецификации на договорите со што му овозможил на правното лице од Битола да се стекне вкупно со имотна корист од 458.815 денари со ДДВ.

Покрај ова во периодот од завршувањето на договор од 22.10.2014 година кој бил склучен со правно лице од Скопје, со важност до 22.10.2015 година, за набавка на услуги- физичко и мониторинг обезбедување, до потпишувањето на новиот договор од 30.01.2018 година за истите услуги, без да се потпише анекс на договорот и без да бидат завршени постапките за доделување на договор за јавна набавка, му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со имотна корист од 1.419.915 денари.

Сумарно, првопријавениот во својство на службено лице – директор на ЈКП Нискоградба од Битола со злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со останатите тројца пријавени со нивното несовесно работење во службата во периодот од 2013 до 2017 година му нанеле штета на ЈКП Нискоградба од Битола во вкупен износ од 15.052.731 денари.