28/03/2024
Охрид

Со силни емоции и овации, испратена претставата „Стаклена менажерија“ на Народниот театар од Охрид

Со маестралната изведба на драмското дело „Стаклена менажерија“ на народниот театар од Охрид, синоќа на малата сцена центарот за култура “„Григор Прличев“, се отвори драмскиот дел на фестивалот Охридско Лето.

Актерската екипа раскошно го изнесе еден од најпознатите и најдобри текстови на американскиот драмски писател Тенеси Вилијамс под режисерската палка на Софија Ристевска – Петрушева, а присутните ги наградија со повеќеминутни громогласни овации. Станува збор за едно од најквалитетните дела на легендарниот автор, што ја отсликува неговата лична автобиографија помеѓу самите ликови во драмата.

Доминантната мајка која ја демонстрира Никола Тодороски, ги измачува своите деца, со нејзините константни планови за иднината. Таа не може никако да разбере дека нејзините аспирации, не се желби и на луѓето околу неа. цело време планира бегство од домот, полн со агресија.

Том, карактер кој го толкува Стрезо Стаматовски, е поет и вљубеник во авантури и сака да ги напушти мајка му и сестра му, само за да го следи својот младешки дух. Лора, чија улога ја доловува Адријана Билаловиќ – Тодороска девојка со хендикеп, која никогаш не почувстувала љубов и нема надеж дека некој некогаш ќе ја засака. Токму затоа, доаѓањето на младиот Џим, кој го игра Филип Кипровски, е главниот момент во пиесата, што го предизвикува уништувањето на Лора. Имено, таа разбира дека може да љуби, но поради природата на нејзината личност, го губи тоа право.

Поставувањето на оваа претстава покажува дека охридскиот народен театар прераснува во препознатлив бренд на македонскиот театарски еснаф, а охриѓани, секако, знаат да го вреднуваат тоа, со посетата на квалитетните дела кои се поставуваат на охридската сцена.

Во текот на фестивалската програма, до крајот ќе продефилираат и претстави на повеќе театри од Македонија, и од регионот.

Весна Цветаноска